Македонија
8. јуни 2016 - 16:09

Хајндл: Добра и лоша вест за политичката криза - Неопходни три чекори за решение

Добрата вест за излез од политичката криза во Македонија е договорот од Пржино, но лошата вест е тоа што времето е кратко, а процесот на имплементација се одолговлекува на штета на државата, порача Јоханес Хајндл. Германскиот специјалниот пратеник за Македонија ја поздрави одлуката на претседателот Иванов за целосно повлекување на помилувањата. Смета дека овој чекор го отвара патот политичарите да се фокусираат на реформскиот процес. По средбите со политичките лидери и државното раководство, Хајндл потенцираше дека сега е вистински момент партиите да се договорат за трите приоритети, клучни за иднината на земјава.

- Прво, партиите треба да постигнат согласност за датумот на изборите и да го направат она што е потребно за да се исполнат условите за слободни и фер избори. Второ, на специјалниот обвинител мора да му се овозможи да го исполни својот мандат без какви било опструкции и слободно. И трето, партиите треба да се согласат без какво било одложување за имплементацијата на итните реформски приоритети и да ги адресираат недостатоците посочени во Извештајот на Прибе. Ова може да се постигне и изводливо е. Треба да се искористи позитивниот моментум. Сепак, она што е неопходно сега е политичките лидери да ги стават интересите на земјата и да го направат она што е неопходно за државата да оди напред и реформите да се случат, подвлече Хајндл.

Во рамки на дводневната посета на Македонија, Хајндл оствари одвоени средби со претседателот Иванов, премиерот Емил Димитриевски, шефот на македонската дипломатија Никола Поповски и лидерите на 4-те политичките партии потписнички на пржинскиот договор. Во фокусот на сите средби биле напорите за излез од политичката криза и реформските приоритети клучни за евроинтрацискиот процес на земјава. Во период од еден месец, ова е трета посета на Јоханес Хајндл во улога на специјален пратеник на германскиот министер за надворешни работи Франк Валтер Штајнмаер.