Бизнис
12. December 2017 - 14:14

Грузиски експерти ќе и помагаат на Македонија да го заштити земјоделството од град

 Унапредување на трговската размена, соработка и размена на искуства од областа на земјоделството, како и модели за справување со елементарни временски непогоди, се дел од темите на кои е фокусирана официјалната посета на министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Николовски на Република Грузија. 

Во рамки на посетата на Тбилиси, Николовски имаше средба со неговиот грузиски колега Леван Давиташвили. Двајцата министри ги презентираа актуелните состојби во земјоделството. Министерот Николовски го запозна министерот Давиташвили со политиките на македонската Влада за развој на агро-секторот и проблемите.

Давиташвили, пак, ги образложи искуствата на Грузија за унапредување на земјоделството и можностите за поголема соработка со Македонија пред се во делот на размената, увозот и извозот на земјоделско-прехрамбени производи.

Според официјалните статистички податоци, Македонија и Грузија и покрај потенцијалите, засега имаат слаба трговска соработка. Минимален извоз од Македонија имало лани, главно на режано цвеќе (рози,...) во вредност од 10.500 евра. Во 2016 и 2017 година има минимален увоз на ловоров лист од Грузија во износ од 3.500 евра.

Министерите Николовски и Давиташвили се согласија дека Македонија и Грузија се земји со мали економии, но имаат огромен потенцијал кој преку почести средби и меѓусебна соработка може заеднички да се искористи, од што бенефит ќе имаат и двете земји.

Во рамки на посетета на Грузија, министерот Николовски го посети државниот воен научно-технички центар „Делта“, каде што од страна на заменик-министерот за одбрана на Грузија Гиорги Бутхузи, заменик министерот за земјоделство Нодар Келеселиѕе и генералниот директор на „Делта" Уџа Џуџуашвили, беше презентирано функционирањето на дигитализираниот автоматизиран систем за заштита од град, како и начинот на лансирање против-градобијни ракети.

Се работи за софистициран систем, со кој според годишниот извештај на „Делта“, Грузија, од 56 денови со градоносни облаци, во 53 денови ефикасно се справила. Успешноста била 96 проценти, а заштедата околу 10 милиони евра. „Делта“ центарот располага со 84 базни станици за испалување ракети. Од центарот посочија дека веќе се разработува и модел на имплементирање систем за заштита од пожари. На средбата беше договорено експертски тим од „Делта“ да дојде во Македонија, за да изврши скенирање на теренот.

николовски грузија

- Овие искуства се добредојдени за Македонија, бидејќи во последните години има чести временски непогоди, особено град, кои предизвикуваат сериозни штети врз земјоделското производството, наведува МЗШВ.

Ова е прва посета на македонски функционер на Грузија. Министерот Давиташвили ја прифати поканата на министерот Николовски за официјална посета на Република Македонија.