Свет
29. March 2018 - 15:21

Грузија протерува еден руски дипломат поради „Случајот Скрипал“

Грузија ќе протера еден руски дипломат поради употреба на хемиско оружје на територијата на  Велика Британија, се наведува во соопштението на грузиското Министерство за надворешни работи.

Руски дипломат, кој работи во Амбасадата на Швајцарија во Тбилиси, има рок од седум дена да ја напушти Грузија.

На 2 септември 2008 година Грузија ги прекина дипломатските односи со Русија откако Москва ја призна независноста на грузиските сепаратистички области Абхазија и Јужна Осетија. Од март 2009 Амбасадата на Швајцарија во Тбилиси има одделение кое работи за интересите на Русија. Во тоа одделение работат Руси, а во Швајцарската Амбасада во Москва исто така има одделение, кое работи во интересите на Грузија.