Македонија
19. September 2017 - 11:09

Групата МК 2025 поактивно ќе се ангажира во економскиот развој на Македонија

Создадени се услови групата МК 2025 конкретно да се се вклучи во економскиот развој на Македонија, било констатирано на средбата во Њујорк меѓу премиерот Зоран Заев, министерот за надворешни работи Никола Димитров и министерот задолжен за дијаспра, Едмонд Адеми со претседателот на групата МК 2025, Роберт Арсов, познатиот бизнисмен од дијаспората, Џон Битов, како и повеќемина други претставници на оваа група успешни претприемачи и извршни директори на светски бизниси.

Претставниците на групата МК 2025, како што соопшти владината прес-служба, изразиле поддршка на реформските политики на Владата во кои што гледаат реална можност за вклучување и придонес на дијаспората за развој на економијата во Македонија.

На средбата станало збор за конкретни начини за поддршка во бизнис проекти, како и проекти од областа на образованието и иновациите, во кои што претставниците на групата МК 2025 изразија подготвеност да учествуваат преку финансиска и експертска поддршка.

Се разговарало подетално за формите за развивање образовни проекти за инвестирање во кадри кои имаат креативен потенцијал.

На средбата се разгледала можноста за формирање еден вид технолошки парк, каде што ќе се обрне внимание на иновативните идеи при поддршката за развој на бизниси.

Заев со Македонија 2025

Договорен е Самит во Република Македонија, со групата МК 2025, на кој што се очекува да присуствуваат претставници на светски компании, со цел размена на искуства и поттикнување инвестиции, како и отворање можност за соработка на домашните бизнисмени со бизнисмените од странство.

- Владата на Република Македонија се отвори кон сите кои можат да придонесат кон економски напредок на државата. Дијаспората и конретно активирањето на претставниците на групата МК 2025 во Македонија, ќе значи силен импулс за нови инвестиции во државата, а посебно што станува збор за почитувани и успешни бизнисмени на светско ниво. Спроведуваме реформи што го трасират патот на Македонија кон ЕУ и НАТО, развиваме добрососедски односи и успешна регионална соработка, но дијаспората може, и подаваме рака, комплетно да се вклучи во овие важни процеси што носат квалитетен живот на граѓаните и перспективите на државата, истакнал премиерот Заев на средбата со групата Македонија 2025 во Њујорк.

Македонската делегација во меѓувреме остварува средби со претставници на познати светски компании, како вчерашната, со првите луѓе на Google Jigsaw, со дијаспората, а денеска по локално време се предвидени првите конкретни активности поврзани со 72-то генерално собрание на Обеднитетите нации во Њујорк.