Македонија
24. July 2017 - 16:37

Група конгресмени бара Тилерсон да ја посети Македонија

Државниот секретар Рекс Тилерсон да дојде во посета Македонија, за да го зајакне стратешкото партнерство меѓу двете земји. Вакво барање до шефот на американската дипломатија испратиле 32 американски конгресмени од групата Пријатели на Македонија.

„Во рамките на развивањето на политиката на вашата администрација кон Европа, се надеваме дека ќе го сфатите унапредувањето на односите на САД со Македонија како потег што е во целосен склад со интересите на САД, знаејќи дека обете земји се стремат кон побезбеден и послободен свет. Воедно, остануваме подготвени да ви помогнеме во вашите напори за активно промовирање на билатералните односи “ – стои во писмото на кое се потпишани 14 републиканци и 18 демократи од 16 различни сојузни државни, меѓу кои и претседавачот на поткомисијата за Европа.

Посетата на Тилерсон би била прва посета на толку висок американски државник на Македонија по онаа на тогашниот државен секретар Колин Пауел кој допатува во Скопје пред 14 години.

Македонска делегација ќе добие можност за средба и со американскиот потпретседател Мајк Пенс кој на Илинден ќе допатува во Подгорица на состанок со земјите членки на Јадранската повелба во која членува и Македонија.