Македонија
16. November 2017 - 16:15

Груевски за „Република“: Решение на спорот со Грција ќе биде удар врз Македонија

И Грција и целиот свет знае дека во Македонија има марионетска влада која не е избрана од народот туку донесена со цел да ја редефинира државата, вели лидерот на опозицијата Никола Груевски во интервју за порталот Република.
 
Всушност ако некогаш Грција од 100 проценти преговарачки пакет, беше можеби спремна да остапи до 10 отсто, сега нема ни 5 отсто да остапи, можеби и нула. Ние сакавме да го решиме прашањето со компромис, што подразбира позначителни остапки од двете страни. Тие сакаат да го решат во нивна корист безмалку целосно. Затоа и неуспеаја нашите напори. Се плашам дека новата марионетска власт во Македонија ќе ја прифати оваа позиција на нашиот сосед, како што тоа го направи во договорот со Бугарија, вели Груевски и додава дека решението кое ќе го издејствува Грција ќе биде силен удар врз македонскиот идентитет.
 
Грција не прифаќа да имаме договор кој би го поминале во нивниот парламент, во кој нашиот јазик и националност би се напишале на англиски како „македонски“, односно macedonian. Тоа значи дека не е подготвена да го прифати нашиот идентитет, и бара, и ќе бара, разни форми за тоа да не се случи. Една од тие форми е и во договорот воопшто да не се третира идентитетот преку формата на името, на јазикот и на нацијата. Тоа кај нас би требало да предизвика радост, поточно да се продаде дека не сме го смениле идентитетот, но, во реалноста нема да е така, затоа што Грција нема да дозволи никаде во меѓународните политички институции да пишува Macedonian за нашиот јазик или нација. Сега веќе, со оваа нова власт и тоа би поминало, вели Груевски потенцирајќи дека членството во НАТО и ЕУ останува врвен приоритет и за неговата партија
 
Зборувајќи за внатрепартиските состојби по изборите, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ вели дека се уште трае анализата на изборните резултати по која ќе се влечат следните потези. Тој уште го потврди ставот на партијата дека изборите  биле нерегуларни потенцирајќи дека не е изненаден од оценката која по изборите ја даде меѓународниот фактор.
 
Слично како и во 2004-тата на претседателските избори, кога имавме класично и брутално полнење на кутиите, така и сега, живееме во период кога меѓународната заедница сака да види стабилизација на политичкиот живот во земјата и натамошни чекори, кои и тогаш, преку формата на спроведување на Рамковниот договор, и денес преку формата на промена на името заради влез во НАТО,  сакаше и сака да види силна влада, победничка влада, охрабрена влада, со ветар во грб, со ослабната опозиција која треба да се занимава сама по себе, или со други зборови мирно море за власта за да го реализира ветеното кон нив. Впрочем СДСМ беше свесна за тоа и затоа употреби толку многу агресија, закани и поткупи во овие избори. Тие беа свесни дека како партија која ветила редефинирање на земјата, каде примарна работа е промената на името, штетниот за нас Македонците договор со Бугарија, неуставниот закон за употреба на јазиците, подготвеност за прифаќање на мигранти во иднина, итн., ќе имаат толеранција за се, вклучувајќи и спроведување на вакви африкански избори, вели Груевски за Република.