Македонија
5. January 2017 - 16:52

Груевски за Република: Ирационално е воведување двојазичност во средини каде нема Албанци

Славица Арсова

Зад идејата за двојазичност на Заев се криеше планот за кантонизација вели Груевски во третиот дел од интервјуто за Република. Смета дека да се изучува јазик е добро но дека е нелогично барањето за задолжителна употреба на албанскиот јазик во етнички чистите македонски средини.

На последните избори СДСМ отиде со понуда кон албанците која нема да им го подобри животот, но звучи примамливо на прв поглед, особено кога некој друг вели не. Албанците во Македонија се околу 25 осто, македонците околу 65 осто. 25 и 65 не е ни исто, ни приближно. За да имате двојазичност на цела територија потребно е да се процентите изедначени или приближни, што не е случај. Второ, потребно е населението да е измешано низ цела држава и низ сите поголеми градови и села, што исто така не е случај во Македонија. Што корист ќе има албанец ако во Делчево, Гевгелија, Струмица или Кавадарци има двојазичност. Таму каде им е потребна и корисна двојазичноста, таму ја имаат. И така треба. Тоа е правилен концепт. Ако во тој концепт нешто недостасува, тоа може да се дебатира или подобри, но да со закон треба повеќе од пола земја да ја тераш да учи албански, кој нема допирна точка со македонскиот е нелогично барање. Јазик се учи ако ти треба. Што му треба на некој во Берово, во Крива Паланка, или во Демир Капија да учи албански кога во цел град или нема ниеден, или има многу малку албанци. Како ние политичарите би им ја објасниле на граѓаните таквата одлука. Згора на се тоа чини многу и финансиски. Ајде вака да кажеме, ајде да замислиме дека сега политичарите во Македонија да донесат одлука со која сите албанци ќе мора да научат турски или влашки. Сакале-несакале, им требало или не им требало. Затоа што некому му паднало на памет дека така ќе освои повеќе гласови, или некој му кажал така. Генерално, познавање јазик е позитивна работа, и на доброволна основа секој може се да прави, и државата треба да го поттикне тоа, но сосема поинаку е да мора секој да го учи. Уште повеќе што зад идејата за двојазичност на целата територија се криеше следната идеја и план, планот за кантонизација, што не беше препознатлив само преку настапите на Заев во Швајцарија, туку и во нивната програма, користејки вокабулар кој е прикривачки, но суштината иста.

Груевски смета дека кантонизацијата е опасна идеја која срриозно ќе ја загрози државата. Од таму, спротивставувањето на оваа идеја според него е патриотизам.

 Што најмногу ве плаши кај концептот на кантонизација?

Растурање на државата.

Зошто, што не се растури Швајцарија, Белгија?

Има огромна разлика меѓу нив и нас. Прво ние живееме во турбулентен регион, со многу радикални структури и многу конфликти во историјата. Со дел од соседи кои како и низ историјата, сеуште на Макеоднија, или дел од неа гледаат како можен плен во иднина. Не е случајно што македонското прашање се уште не е затворено.

Кантонот е држава во држава, која има право на самоопределување до отцепување. А ова е Балкан. Ние немаме по 60 илјади евра БДП по глава на жител, па тоа да ни е кохезивен фактор. Погледнете ја Босна, и таа е кантонска земја. Нека падне Белгија или Швајцарија на 5-6 илјади евра БДП по глава на жител, па ќе видете што ќе се случи со кантоните. Значи мојот став, и ставот на ВМРО, не е против албанците, него во правец на зачувување на целовитоста и унитарноста на државата. И секој албанец кој сака да живее во оваа земја, а не во друга, треба да знае дека ние сме на негова страна, а не против него.

Федерациите и кантоните на Балканот и во Источна Европа немале голем успех и обично тие делови од историјата завршувале со многу насилство, таков беше случајот и со Југославија, таков е и случајот со Босна, и многу други примери. Она што го посакуваме е Македонија да има унитарност и територијален интегритет како Естонија и Латвија, земји кои се демократски, кои припаѓаат на НАТО и ЕУ, со човекови права за сите, а Македонија веќе покажа дека е подготвена да оди и подалеку во малцинските права од овие земји, кои се силно приврзани за евро-атлантските интеграции. Македонија впрочем може да послужи како позитивен пример за многу европски држави на тој план. Значи, Македонија ќе го развива својот концепт на мултикултурност и толеранција, без процеси на федерализација и кантонизација, затоа што тоа може да доведе до фрагментација на државата.

Но, да се вратиме на првичното прашање а тоа е дека веројатно не сме дел од концептот и идеологијата на Сорос, затоа што сме националисти. Не е националист тој кој си ја сака државата, и е внимателен да не се распадне. Тој може да е само добар патриот. Ако и тука со Сорос имаме разлики, а можно е да имаме, тогаш дефинитивно имаме идеолошки разлики, вели Груевски во интервјуз а Република.