Македонија
20. November 2017 - 17:11

Груевски за Република: Ако СДСМ ги отстрани спомениците, ВМРО-ДПМНЕ ќе ги врати

Зарем некој верува дека некој споменик ќе биде тргнат и никогаш нема да се врати? На што тогаш би личела ВМРО-ДПМНЕ ако не ја исправи неправдата и не го врати долгот кон предците, вели опозицискиот лидер Никола Груевски во интервју за Република.

- Не заради некој инает или слично, туку заради нашата историја, државност, заради огромниот број патриоти во Македонија кои си ја сакаат земјата и ја почитуваат нејзината историја и жртвите за денешната слобода. Едноставно, враќањето на спомениците ќе биде аманет на ВМРО-ДПМНЕ. И тоа на сите до еден. Еден долг кон нашите предци, но и еден одговор кон секој кој верува дека еднаш засекогаш може да се скрши кичмата на Mакедонците, вели Груевски.

Според него, СДСМ треба да се фокусира на реализацијата на своите ветувања. Тој му порачува на Заев пред да почне со рушење, прво да изгради нешто

- Нема елаборат за нова фабрика која би вработила 2000 луѓе без работа или барем 500 невработени. Нема елаборат со кој лекарите ќе добијат 100 илјади денари плата како што ветија на изборите пред една година. Нема елаборат ни за 500 евра просечна плата, ни за повисоки пензии или субвенции, ама веќе има елаборат за рушење на споменици. Нема да помине долго време од кога ќе добијат еден елаборат од народот од кој нема да знаат каде да се свртат. Се ќе се врати на свое место, вели Груевски.

За обвиненијата од СЈО екс-премиерот смета дека се политички процеси, а судиите одлучуваат под политички притисок. Груевски вели дека неговата партија останува на барањето за предвремени избори испратено по завршувањето на локалните и дека ќе инсистира тие да се одржат со исполнување на условите кои партијата ги испорача во 7 точки.