Македонија
20. August 2017 - 21:17

Груевски: Владата незаконски разрешува кадри и назначува нови некомпетентни

Лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски денеска оцени дека Владата незаконски разрешува кадри и назначува нови некомпетентни.

- На пример, назначување со несоодветно образование - се бара со земјоделски факултет, се става со машински факултет, или назначување со несоодветно образование во смисла на степенот на образование - се бара со завршен факултет, а се назначува со средно улилиште, посочи Груевски при денешната посета на општина Сопиште.

Тој истакна дека во делот на тврдењата за незаконско разрешување и назначување, има примери каде некои кадри треба да ги разреши Собранието, но во овој случај, појасни, тоа го прави Владата. Тој смета дека сето тоа загрижува и оти треба да се знае дека тој што е незаконски назначен, секоја негова наредна одлука е спорна. Нагласи дека во иднина ВМРО-ДПМНЕ ќе бара одговорност за ваквото постапување. 

Според Груевски, во овие два и пол месеци откако е дојдена новата Влада целосно е запрено доаѓањето на новите странски инвестиции.

-Јас ќе напоменам дека само во првите пет месеци од оваа година, иако имавме сериозна политичка криза, иако имавме техничка влада, протести низ улиците и сите оние проблеми со кои што се соочи државата, сепак во еден таков период успеавме да постигнавме договор, или да се почне со градба на шест нови фабрики кои потенцијално ќе вработат 3.300 луѓе како директни вработувања, плус индиректните, потенцира Груевски.

Истакна дека Владата нема интерес за привлекување на странски инвестиции, бидејќи, како што рече, во неа не влегоа компетентни кадри за привлекување странски инвестиции кои знаат како да го прават привлекувањето.

-Наместо компетентните кадри донесени од различни страни на светот, во Македонија, од нашата дијаспора, влегоа луѓе кои никогаш тоа не го работеле и навистина загрижувачки е трендот на странските инвестиции во Македонија. Илјадници работни места се отворија со доведувањето на странските инвеститори. Што е уште поважно, многу од нив дадоа работа и на домашните фирми и многу домашни фабрики се изградија како резултат на тоа што станаа соработници на странските инвестиции, истакна Груевски.

Појасни дека во изминатиот период, благодарение на странските инвестиции, драстично се зголеми извозот во Македонија. Груевски информираше дека половина од извозот на Македонија е од новодојдените странски инвестиции.

Според него, загрижувачки е тоа што новите министри зборувале за поставување услови на странските инвеститори, тие да мораат да добавуваат суровини од домашни компании. - Тоа е добро, на хартија. Тоа е добро кажано вака, но во реалноста тоа ќе ги одврати инвеститорите. Убаво звучи кога некој ќе каже, ќе дозволиме некои странски инвеститор да дојде во Македонија, доколку купува производи од нашите фирми. Супер кажано, меѓутоа, знаете ли колку фирми ќе се откажат заради тоа и колку работни места нема да се отворат, додаде Груевски.