Македонија
14. March 2017 - 19:07

Груевски: Создаваме можности и градиме подеднакво за сите граѓани

Како што ветивме во кампањата за изборите, веќе започна градбата на примарен гасовод од Скопје до Тетово и Гостивар, како прва фаза вредна 29 милиони евра и кој ќе биде изграден во наредните година ипол до две, напиша на својот фејсбук профил лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски.

Најави дека потоа ќе стартува и втората фаза на гасоводот до Кичево со кој и граѓаните и компаниите од оваа општина ќе добијат природен гас. 

Груевски пишува дека и во овие моменти кога се отворени сериозни прашања и предизвици во земјата, суштински важни за нејзиното понатамошно постоење и начин на функционирање, партијата со која раководи се труди земјата да оди напред и да го испорача тоа што го вети на народот и на сите граѓани не делејќи ги по етничка, верска политичка или било каква друга основа.

-Додека Заев работи на залажување на албанските граѓани со понуди од кои квалитетот на нивниот живот нема да се подобри, ВМРО-ДПМНЕ реализира конкретни работи, им овозможува на Македонците, Албанците, Турците, Ромите, Србите, Бошњаците и Власите во полошкиот регион да добијат примарен гасовод за доток на природен гас, пишува Груевски на Фејсбук.

За лидерот на ВМРо-ДПМНЕ, ова е нивно големо изборно веување кое веќе почнало да се реализира. Достапноста на гас ќе влијае  за поеколошки чиста животна средина,  намалување на загадувањето на воздухот а ќе биде од корист и за земјоделците.

-  Покрај ова се работи и на гасоводот Штип, Неготино каде градежните работи се повеќе од 50% завршени. Овие два примарни гасоводи се во вкупна вредност од 45 милиони евра инвестиции кои се одвиваат во моментот. Реализацијата на ваквите и многу други проекти, остварувањето на политики кои се за сите граѓани е и порака до сите кои сакаат да ја растурат земјата дека нема да им се дозволи тоа, ниту да го урнат соживотот во Македонија, преку делби, поделби, отворање на прашања кои не се предмет на соживот туку извор на конфликтност, стои во објавата на претседателот на ВМРО-ДПМНЕ.  

На фејсбук статусот Груевски напиша дека ВМРО-ДПМНЕ  ќе продолжи да гради и создава, да исполнува ветувања од кои корист ќе имаат сите граѓани на Македонија, и Македонците, и Албанците и сите останати.