Македонија
23. јуни 2017 - 16:18

Груевски со средби со претставници на ЕПП и на НВО секторот ја заврши посетата на Брисел

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, денеска ја заврши тридневната работна посета на Брисел, каде заедно со висока партиска делегација финишираше со средби со претставници на невладиниот сектор и на Европската народна партија (ЕПП), чиј придружна членка се.

Како што јавува дописникот на МИА од Брисел, Груевски денеска се сретна со Томи Хухтанен, директор на Центарот за европски студии „Вилфред Мартенс“, како и со генералниот секретар на ЕПП, Антонио Лопез-Истуриз, партија која е најбројна според пратеници во Европскито парламент.
           
Според делегацијата на ВМРО-ДПМНЕ, престојот во Брисел бил добра можност за промовирање на позициите и ставовите по клучните прашања за Република Македонија и дека посетата покажала дека партијата е активна во рамки на сестринските партии за одбрана на македонските интереси.
 
Груевски за време на неговата тридневна посета во еворпската престолнина се сретна со претседателот на Европскиот совет, Доналд Туск, со Високата претставничка на ЕУ Федерика Могерини, со голем број европратеници, а учествуваше и на Самитот на Европската народна партија (ЕПП), каде заедно со германската канцеларка Ангела Меркел, Виктор Орбан (премиер на Унгарија), Лео Варадкар (Ирска), Жан-Клод Јункер и Јоханес Хан (Еворпска комисија) и голем број други лидери на ЕУ-земји од демо-христијанскиот табор, размениле мислења за актуелните случувања во Европа.
            
Во рамки на целата негова посета на Брисел и средбите со соговорниците, поранешниот македонски премиер посочи дека акцентирал две клучни теми: притисоците врз медиумската сфера во Македонија и врз судството, како и проблемот со мигрантите кој ја засега и македонската джрава, но во најголем дел и самата Европа.
 
- Укажав на потребата што поитно Република Македонија да биде интегрирана во Европската унија, а се разбира и во НАТО и на потребата да се внимава за понатамошните случувања и процеси во Македонија. Тука имам предвид што се се случува со медиумскиот сектор во Македонија по доаѓањето на новата власт. Загушувањето и притисоците врз медиумите, особено врз сопственицита на медиуми, вклучително и притисоците на Специјалното јавно обвинителство и на намерите на новата власт за партизација на судството. Преку плаштот на нови реформи во судството, практично се има намера за партизирање и целосна контрола врз судскиот систем во Република Македонија, изјави Груевски по вчерашниот настап пред европските лидери на Самитот на ЕПП во Брисел.
 
Инаку, ова е втоа посета на Никола Груевски на европската престолнина за еден месец, на која исто така имаше средби на високо ниво со соговорници од врвот на Европската унија, што според него е со единствена цел промоција на македонските интереси и забрзување на интеграцијата на Република Македонија во ЕУ и во НАТО.