Македонија
16. March 2018 - 17:38

Груевски: Случајот ,,ТНТ‘‘ е политички монтиран процес за да се дефокусира јавноста од редефинирање на државата

Објектот Космос на Фиат Цаноски е класичен пример за дивоградба. Обвинетите во предметот ТНТ на Специјалното обвинителство велат дека ова го признава и самиот  инвеститор кој побарал измени на основниот проект за градба.

Тврдат дека ќе стореле кривично дело доколку дозволеле Цаноски да го изгради објектот, а не со неговото уривање. Екс-премиерот Груевски обвинува дека и овој судски процес на СЈО е со цел дефокусирање на јавноста од штетните политики на власта предводена од СДСМ.

Груевски пред судот рече дека како лидер на ВМРО-ДПМНЕ имал многу коалициски партнери, но никогаш не им се одмаздувал по завршување на соработката. Смета дека судот ќе ја утврди вистината преку бројните докази.

Поранешниот градоначалник на Гази Баба Тони Трајковски и екс-министерот за транспорт Миле Јанкиевски посочија дека инвеститорот свесно градел противзаконски за да оствари лична финансиска корист од над 76 милиони денари. Цаноски пред медиумите ги негираше ваквите тврдења.

Надвор од досегашната пракса и на инсистирање на судскиот совет кој во води предметот ТНТ, прислушуваните телефонски разговори во судница ќе се пуштаат на следното  рочиште закажано за 5 април, како дел од доказната постапка.