Македонија
11. November 2016 - 17:02

Груевски: Се обврзуваме дека ќе ги штитиме интересите на Македонија

Партиите од коалицијата „За подобра Македонија“ денеска потпишаа декларација за заеднички настап на претстојните предвремени парламентарни избори закажани за 11 декември.

Декларацијата „Македонија „2020“ ја потпишаа лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски и претставници од околу 25 коалициски партии во Музејот на Македонската борба за државност и самостојност. 

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ во обраќањето истакна дека ќе се залагаат за унапредување на стандардите на сите полиња и обезбедување просперитетна иднина за сите граѓани. Стратешки приоритет, како што посочи Груевски, останува зголемувањето на економскиот раст и вработеноста и пораст на животниот стандард на граѓаните.

- Ние, членовите на Коалицијата „За подобра Македонија“ се обврзуваме дека ќе ги штитиме интересите на Република Македонија и македонскиот народ, како и интересите на припадниците на етничките заедници. Заеднички ќе се залагаме за унапредување на стандардите на сите полиња и обезбедување просперитетна иднина за сите граѓани. Наш стратешки приоритет останува зголемување на економскиот раст и на вработеноста, пораст на животниот стандард на граѓаните и подобар и поквалитетен живот. Нема да отстапиме од стратешката определба за интеграција на РМ во ЕУ и НАТО, истакна Груевски.

Тој нагласи дека ќе вложат максимални напори за борба против организираниот криминал и корупцијата и за унапредување на меѓуетничките односи, а ќе останат посветени и на реализацијата на реформите и проектите кои се во насока на развој на државата. Во тој контекст посочи дека најважни цели ќе бидат подобрувањето на животниот стандард на граѓаните преку унапредувањето на условите за водење бизнис на домашните и странските инвеститори, отворањето нови работни места, високи субвенции за земјоделците, зголемување на платите, пензиите и социјалната помош и подобри здравствени и образовни услуги. 

Груевски потенцира дека ќе водат фер и демократска изборна кампања и оти ќе ја ценат и почитуваат волјата на граѓаните. 

- Свесни дека граѓаните сакаат крај на кризата во која бевме втурнати како држава, криза која донесе поделби, конфликтност и деструкција ќе работиме неуморно на нејзино надминување и во најдобар интерес на граѓаните. Граѓаните сакаат, очекуваат и заслужуваат сите овие пречки и блокади кои СДСМ ги поставуваше изминативе две години да завршат и да бидат надминати. Граѓаните сакаат напредок и просперитет. Граѓаните знаат кој има капацитет да го стори тоа и кому да му веруваат, истакна Груевски.

Според него, ветувањата дадени од коалицијата „За подобра Македонија“ тежат, а зборовите вредат. - Сите заедно можеме да помогнеме за подобра иднина на Република Македонија, рече Груевски по потпишувањето на Декларацијата.