Македонија
14. February 2018 - 16:15

Груевски: Се бориме за основни права во постапката, судот да го почитува законот

Екс-премиерот Груевски на шега побара плата и канцеларија во Кривичен, бидејќи само оваа недела има 5 закажани судења за различни предмети. Обвини за политички прогон и монтирани процеси откако и на денешното рочиште за предметот Траекторија судот ги одби сите приговори на адвокатите. Судот ги прифати аудио-снимките и смс пораките како доказ, но без да им се дадат на обвинетите, по што Груевски и лично побара од судијата еднаков третман и можност ова решение да го обжалат пред Апелација.

Кон обвинителите се однесуваат со почит, спокојно и мирно, додека кон одбраната судот реагира нервозно, што како да покажува на која страна е. Судот воопшто не се обидува да го скрие тоа. Барем да глуми малку објективност за јавноста – рече Груевски.

Според Груевски скандалозна е одлуката како доказ да се прифатат смс-пораки, за кои не постои никаква можност да се утврди дали се автентични. Нивната содржина многу лесно може да биде променета и додека биле во рацете на СДСМ, но и откако се предадени во Специјалното обвинителство.

Барањата на адвокатите и обвинетите според Специјалнто обвинителство се обид за одолговлекување на постапката. Обвинителката Лиле Стефанова одби да одговара на сите приговори и побара судот да не им дозволува на адвокатите да ги истакнуваат истите барања. Поради големиот број на приговори, денешното рочиште беше презакажано за 1 март. До тогаш обвинетите и нивните адвокати ќе имаат можност во посебна просторија во судот да ги преслушаат 315-те телефонски разговори и смс пораки кои СЈО ќе ги користи како доказ за изградбата на автопатиштата Миладоновци-Штип и Кичево-Охрид.