Македонија
27. May 2016 - 16:10

Груевски: Продолжувањето на кризата ќе го зголеми гневот на граѓаните кон СДСМ

Колку повеќе се пролонгира кризата, толку поголем ќе биде поразот на СДСМ на изборите. Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски во интервју за Телеграф вели дека СДСМ се спаси од тежок пораз на 5 јуни, но на следните избори ги чека уште поголема катастрофа

 „Според сите истражувања, победата ќе беше слична како на изборите во 2014. Тоа ќе беше силен одговор на лагите дека сме украле 150 илјади гласа или слични небулози. Но, колку повеќе ги пролонгираат кризата и изборите, толку повеќе гневот кај народот кон нив ќе расте, и поразот ќе им биде поголем.“ – вели Груевски

Тој додава дека Заев политичката битка ја свел на лична битка со него поради што од ден во ден, опозицијата има се помал рејтинг, а Заев останува закован на дното меѓу политичките лидери.

„ Тој како прво, политичката битка ја сведе на лична битка со мене, а не на платформа за подобра Македонија. Полн е со гнев и фрустрации кон мене лично, и со лична фиксација. Затоа и губи, и ќе губи. Сè што човек прави воден од омраза завршува со неуспех. Него го води омразата, и не може да се ослободи од тоа. И нема да се ослободи. Посилно е од него.

Мене ме води идеологијата на нашата партија и желбата за напредок и успех на Македонија, за повеќе нови работни места, за нови инвестиции, повисоки плати, пензии, субвенции, повеќе инвестиции во патишта, водоводи, да им се обезбедат евтини куќи на помладите, работа и посреќен живот, во Македонија.

Ние веруваме во вредности, а не во омраза како СДСМ

Ние сме партија која покрај проектите, делата и реформите, функционира и на база на идеологија која има свои столбови поврзани со нацијата, традициите, вредности и вредносни критериуми, семејството, заштитата на приватната сопственост, поддршка на сиромашните, помагање на претприемачите, односот кон индивидуалецот и неговата среќа, но и кон народот и државата како причина за наше постоење и дејствување како партија, интегритетот на поединецот и нацијата, образованието, патриотизмот, историјата на нашиот народ и граѓани, иднината на земјата, заедничките цели.

Нашата идеологија е поврзана и со нашето име на партијата и со историјата. “ – вели Груевски и додава дека во периодот до наредните избори, ВМРО-ДПМНЕ ќе се посвети на европската агенда, итните реформски приоритети и законски решенија кои ќе го подобруваат квалитетот на животот

Во врска со аболицијата на Претседателот, Груевски не се сомнева дека Иванов го гледал државниот интерес.

Познавајќи го претседателот Иванов, знаејќи дека тој е човек кој секогаш интересите на државата и на граѓаните ги става пред своите лични интереси, и кој е спремен да преземе и лични ризици за да даде придонес во напредокот на земјата, не се сомневам дека направи чекор со намера да го заштити државниот интерес. Јас верувам дека сè што кажа во образложението и го мисли. Тој навистина сака да постигне помирување, од кое корист би имала државата.

Ако го гледаше личниот, а не државниот интерес, ќе си молчеше и ќе набљудуваше, кога и онака СДСМ одби негово посредништво во кризата.“ – смета Груевски

За Специјалното обвинителство, Груевски вели дека е прочитан буквар потенцирајќи дека методите на Јанева нема да дадат резултат

„Кај никого досега не забележав страв од фактот што се формира СЈО, кое треба да истражува што се случило во некои ситуации од нивното работење. Тоа ме охрабри и ми потврди дека луѓето навистина работеле посветено и чесно. Но кога се видоа методите со кои почнаа да работат, а за кои сега кажав, нормално се појави загриженост кај луѓето кои се таргети на СЈО и СДСМ, но и кај останатите што го следат процесот.

Но, бргу потоа кај голем дел таа загриженост и стравот поради непрофесионалното и пристрасно работење на луѓето во СЈО помина, откако разговаравме и сфативме дека со вакви методи тие не можат да успеат. Можеби кај некого сè уште има страв дека со злоупотреби на функциите ќе му наштетат, но многумина од нас на луѓето што користат вакви методи гледаме како на прочитан буквар, кој постапувајќи со омраза и партиски мотиви, само ќе нè направи посилни.“ – дециден е Груевски

Тој додава дека таквите постапки на обвинителството и СДСМ се веќе прочитани од граѓаните

„Нема да успеат. Напротив, ќе постигнат спротивен ефект. Прочитани се. Еден ден ќе се срамат од тоа. И пак на следните избори, кога и да се, СДСМ ќе загуби, а ВМРО-ДПМНЕ ќе ја добие довербата, и тоа посилно од она што ќе го добиеше сега.“ – вели Груевски за Телеграф