Македонија
13. јуни 2016 - 16:12

Груевски: Предвреме ќе започне изградбата на 20 фитнес зони

Дваесет градови во државата ќе добијат фитнес зони на отворено. Реализацијата на проектот ќе почне на крајот на месецот, најави лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски. Тоа ќе биде еден вид на теретана со најсовремена опрема наменета за младите.

- Проектот за фитнес зони за млади ќе почне да се реализира предвреме од она што го ветивме. Кога јас го најавив пред неколку месеци, тој беше дел од пакетот за 40 нови проекти за младите луѓе и требаше да почне да се реализира во септември, но, информиран сум дека неговата реализација ќе започне предвреме, односно на крајот на јуни. Така што, во тој период на неколку локации во Македонија ќе започне реализација на изградбата на фитнес зони на отворено, изјави Никола Груевски, претседател на ВМРО-ДПМНЕ.

Во јануари кога беше најавен проектот предвидени беа 18 фитнес зони, за подоцна таа бројка да се зголеми на 20 локации низ земјата. Целта на модерните фитнес зони е  подршка на спортскиот дух и промоција на спортот и спортските активности.

- Тоа ќе биде еден вид теретана на отворено и место каде што ќе може многу млади, па и повозрасни луѓе, да рекреираат на најсовремени фитнес апарати со најсовремена фитнес опрема. Такви фитнес зони какви што сега ќе се прават практично во моментот не постојат во Македонија. Има нешто низ парковите и покрај кејот, но тоа е далеку од она што сега се предвидува и од оние справи коишто сега ќе бидат поставени. Тие ќе бидат многу пософистицирани и подобри, изјави Груевски.

Фитнес зоните ќе бидат изградени во градските паркови на отворено во Скопје, Гостивар, Кочани, Струмица, Куманово, Струга, Кичево и уште на 13 локации низ земјата.