Македонија
10. December 2015 - 16:47

Груевски: Отворивме над 140 илјади работни места, пензиите и социјалните надоместоци ќе растат и догодина

Годината ќе заврши со најмалку 20.000 нови вработувања, вели премиерот Груевски во интервју за поратлот Пресс 24. Намалувањето на невработеноста, зголемувањето на економскиот раст и порастот на животниот стандард на граѓаните се врвен приоритет на кој Владата со години посветено работи  и има остварено значителни резултати, вели Груевски.

Отворени над 140 000 нови работни места а невработеноста е намалена од 38 на 26,8%. И тоа се резултати кои се должат на големиот број на мерки и проекти кои ги реализираме во оваа област. Тука се активните мерки за вработување кои со години ги реализираме, тука е и проектот Македонија вработува во чии рамки преку цел сет на поволности досега се вработени над 10100 лица во 6750 компании, а таа бројка очекуваме во наредниот период дополнително да расте од причина што овој проект претставува силна поддршка за компаниите во процесот на отворање нови работни места но и одлична можност за вработување на различни категории на граѓани. Значајно влијание во намалувањето на невработеноста имаат и ново отворените работни места од страна на странските инвеститори во речиси сите региони во државата. Во 9 месеци од ваа година од страна на странските компании се вработени 5800 лица а оваа бројка последниве месеци е зголемена со оглед на тоа што неколку странски компании стартуваа со производство или вработувања последниве месеци. Генерално очекувам дека оваа година ќе биде завршена со најмалку над 20 илјади остварени вработувања и тоа е добар податок и податок кој е дополнителна причина да продолжиме со нашите стратешките цели за намалување на невработеноста.

Како никогаш досега во државата се градат и автопатски делници. За повеќе од 50% се зголемува автопатската мрежа со инвестициите кои ги започнавме. Во завршна фаза е реконструкцијата на автопатот Велес-Скопје во должина од 23 км, а активно се работи и на трите нови автопатски делници: Демир Капија- Смоквица, во должина од 28 км, Скопје-Штип кој е во должина од 47км и Кичево-Охрид во должина од 57км. Изградбата се одвива согласно предвидената динамика и истите претставуваат исклучителено значајни капитални инвестиции од државен интерес кои директно влијаат и на економијата и привлекувањето на странските инвеститори, но и на отворањето на нови работни места, бидејќи само на овие автопатски делници моментално се ангажирани околу 2300 работници.

Покрај на автопатите, државата работи и на изгрдба на експресни патишта. Почнува изградбата на 5 нови со должина од 126 км и инвестиции од околу 300 милиони евра. Продолжуваат инветсициите и во регионалните и магистралните и локалните патишта.

Се вложува и во железничката инфраструктура, се работи на железничката пруга од Куманово до Бугарија во должина од 90 километри. По цели 40 години се реконструираат железничките станици во Скопје и уште десетина града. Обезбедени се нови 150 товарни вагони, инвестиција вредна 13 милиони евра, и првиот од шесте патнички возови за кој инвестираме 25 милиони евра.

Не само во овие сфери, списокот на проекти е долг, на резултати е долг, тоа се видливи дела. Отпишани се долговите на 15 илјади семејства во вредност од над 30 милиони евра. Просечната пензија е зголемена за 70%, а најниската пензија се зголеми за над 80%. Ново зголемување на пензиите од 5% предвидуваме и за следната година. Социјалната и постојаната парична помош во просек се зголемија за 60 %, ќе следува и ново зголемување од 5%. Бесплатно бања искористија над 32 000 пензионери, а следната година уште 5000 пензионери ќе отидат на бесплатна бања.

Продолжува и поддршката за земјоделците, вели Груевски.

ВМРО-ДПМНЕ покажа како се дава поддршка за земјоделците и тоа земјоделците најдобро го знаат. И во тој контекст опозицијата што и да каже не може да го смени мислењето на земјоделците кои многу добро се сеќаваат каков третман добиваа додека СДСМ беше на власт и каков третман добиваат откако сме ние на власт. И се сеќаваат дека СДСМ нас не нарекуваше земјоделско селска влада алудирајќи на тоа дека многу сме биле насочени кон земјоделците, претставувајќи го тоа како наша грешка. Искрено жалам што СДСМ не може да го промени сопствениот однос кон земјоделците и што лицемерно ги гледа земјоделците единствено како број на гласови. Земјоделците се чесни луѓе кои никој не може да ги купи со пари. Тоа се само лоши филмови на СДСМ. Но тоа е светот во кој живее оваа партија. Поддршката што ние ја доделуваме преку субвенциите кои досега изнесуваат над 780 милиони евра, вели прмеиерот за Пресс 24.