Македонија
5. December 2016 - 23:09

Груевски: Нова инвестиција во Бунарџик која ќе отвори 200 работни места

Нова инвестиција која ќе отвори 200 работни места е договорена попладнево. Турска компанија донесе одлука да инвестира и ќе гради фабрика во слободната економска зона Бунарџик во Скопје. Се работи за компанија која произведува електроника за автобуси и за земјоделска механизација, а во Скопје доаѓа како партнер и добавувач на белгискиот производител на автобуси „Ван Хул“. 

Ова вечерва во најави претседателот на ВМРО-ДПМНЕ и носител на изборната листа во четвртата изборна единица Никола Груевски, на митингот на коалицијата „За подобра Македонија“ во општина Кисела Вода.

- Ќе почнат со градба на фабриката во 2017, на парцела на 20.000 метри квадартни. Со работа ќе почнат до крајот на 2017, прво со 100 вработувања и инвестиција од 3 милиони евра, а потоа ќе се прошират на 6 милиони  евра и ќе вработат вкупно 200 лица, рече Груевски.

Тој потенцира дека оваа инвестиција е по препорака на позитивното искуство на сопственикот на белгискиот „Ван Хул“ и додаде оти е многу значаен ангажманот на Виктор Мизо, кој преговарал со менаџментот на компанијата.  

Груевски потсети дека биле најмногу посветени на, како што рече, она што го тишти македонскиот народ: економијата, отворање нови работни места, зголемување на платите, пензиите, социјалната помош, субвенциите...

- Таму имаме одлични резултати и работите почнаа да се менуваат кон подобро. Се отворија нови 160 илјади работни места, а во новиот мандат сигурни сме дека ќе се отворат нови 70 илјади работни места. Невработеноста, која опадна од 38,7 на 24, во следните четири години ќе се сведе на 17 или 18 отсто, рече Груевски. 

Според него, СДСМ има мака со сопствената доверба, не верува во капацитетите на сопствениот народ и во своите капацитети и затоа губат, народот не ги респектира и ќе загубат по десетти пат. Груевски смета дека во следниот период СДСМ ќе прави напори и ќе бара алиби за поразот кој им претстои. 

- Треба да внимаваме и да останеме со ладни глави. Ќе има многу обиди за провокации, многу обиди да се извалка кампањата и многу обиди потоа да си најдат алиби зошто загубиле. Треба многу внимавање, потенцира Груевски.

Потсети дека СДСМ е за продолжување на мандатот на СЈО, односно за, како што рече, продолжување на кризата. - Немојте да се изненадите ако во овие денови го повикаат СЈО на помош и да смислат некакви истраги, обвиненија и нови лаги. Се ќе направат овие денови само за да дојдат до глас повеќе, рече Груевски. 

Посочи дека во 11,5 години владеење Зоран Заев не донесе ниту една инвестиција во општина Струмица и додаде оти населението ги чека локални избори за да најдат грдоначалник со кој ќе одат напред. 

Груевски нагласи дека е убеден дека граѓаните ќе излезат и масовно ќе го поддржат ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата на 11 декември и додаде оти само 63 пратеници се гаранција дека кризата ќе заврши. 

- Ова се клучни моменти. Луѓето треба добро да размислат. Убеден сум дека мнозинство граѓани во Македонија нема да направат грешка, која би била непоправлива, особено во делот на националните и државните прашања. Затоа сите вие проширете го овој глас, до секој ваш пријател, до секој ваш сосед, роднина, воочете му ги овие работи, убедете го на начин што е фер, демократски. Кажете му што ја очекува Македонија, за сите заедно сложно да излеземе на 11 декември да гласаме за соживотот во Македонија, да гласаме за економски напредна Македонија. Да не ни го запрат овој залет на носење инвестиции, да гласате за унитарна независна и победничка Македонија, да победи Македонија, додаде Груевски. 

На митингот во Кисела Вода беа претставени кандидатите за пратеници од првата изборна единица, а се обратија и Никола Попоски, носител на кандидатска листа за пратеници во ИЕ 1 и дел од коалициските партнери.

ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата „За подобра Македонија“ вечерва ќе одржат митинг и во општина Центар.