Македонија
13. August 2016 - 18:09

Груевски: Невремето од 6 август е најголемата природна катастрофа по скопскиот земјотрес

Во невремето кое го зафати скопското подрачје во саботата се зафатени околу 5.000 куќи, а наврнаа 93 литри на метар квадартен за само час два. Опфатен е голем реон и неслучајно експертите велат дека вакво нешто се случува еднаш во илјада години. Самиот факт што станува збор за несреќа која што се случува еднаш во илјада година укажува на тежината на проблемот со којшто се соочуваме, изјави денеска лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски.

Ова, како што кажа тој, е најголема катастрофа што се случила во Македонија по земјотресот во Скопје во 1963 година.

Груевски во интервјуто за Сител зборуваше за неговите посети во погодените места, потенцирајќи дека во некои од овие места започна обновувањето на инфраструктурата. 

- Вчера бев во Страчинци. Кога првиот ден отидов во понеделникот состојбата беше ужасна. Патиштата беа претворени во реки, места коишто повеќе изгледаа на планини претрупани со камења, со дрва, со отпад, со земја и навистина не можеше да се помине да се дојде до некоја куќа или, пак, од куќа да се излезе да се отиде некаде или да пријде возило на итна медицинска помош или слично. Во една таква ужасна ситуација го напуштивме населеното место Страчинци. Три дена подоцна вчера кога отидов веќе патот е рачистен, на одредени места  стои асфалтот, на одредени места не стои, но денеска веќе почнува тампонирањето на тие делови. Веќе се движат возила. Ден пред тоа дошла медицинска кола која посетила некое семејство таму, рече Груевски.

Според него, слично е и во Црешево каде што исто така патот бил целосно руиниран.

- И таму е веќе тампонирано. Оној дел каде што имаше големи кратери, дупки на патот, кратери во смисла од метар, два и повеќе. Слично е и во Смилковци, и во Раштански пат. Така што онаму каде што главниот проблем беше инфраструктурата веќе се доведе до една ситуација да имаме нормална инфраструктура во смисла на проодност, не во смисла на целосно асфалтирана. За тоа ќе треба повеќе време. Меѓутоа, веќе може да движат  возила, коли, камиони, комбиња или што и да е потребно за граѓаните  да живеат колку толку нормално, рече Груевски.