Македонија
23. October 2015 - 23:00

Груевски: Нема да го изневериме народот, битката ќе ја добиеме

Договорот од јуни и јули во Скопје, треба да се почитува во целост, како што е договорен и напишан, без проширувања од рамките во кои е поставен и без разни толкувања и дополнувања во зависност од политичките интереси на партиите, рече премиерот Никола Груевски во своето обраќање во МОБ по повод денешниот празник.

-Договорот е јасен и напишан и треба да се почитува. Тој договор е сам по себе договор и тој не може да служи како појдовна точка за нови преговори за нови договори од кои почетна точка е тој договор. Секој политичар и секој кој сака да помогне во реализацијата на политичкиот договор треба да пристапува со максимална сериозност, одговорно и посветено. Треба да го почитува тој постигнат договор. Зборот не може да биде збор за нов збор. Зборот е збор сам по себе. Тој што потсетува за зборот треба да потсети на друго место, а не пред македонскиот народ, македонскиот народ и сите граѓани на Македонија знаат што е даден збор, рече премиерот.

Тој порача дека никој не смее да го потценува народот и никој нема право на тоа.

-Иако политичката сила која ја има оваа политичка гарнитура беше добиена на избори кои аргуметирано и правно не беа оспорени од страна ниту на опозицијата ниту на друг субјект, и покрај поддршката во јавноста на оваа политичка гарнитура која е двојно поголема од онаа на опозициската, и покрај фактот што политичкиот легитимитет и легалитет кој го добивме е на половина од преиодот за кој го добивме, ние се согласивме да ја прекратиме атмосферата на тензија и конфликтност со создавање на можност за обраќање кон народот и можност за произјаснување на народот на избори. Основна и единствена цел на договорот беше да се организираат избори на кои народот ќе може да одлучува во фер и демократски услови кои нема да создадат сомнеж за некаква нееднаквост, за дискриминација или фаворизација. Изборите се финалната цел на тој договор, заради која постојат другите одредби од договорот, кои се патоказ како да се стигне до финалната цел - изборите. Министрите и замениците со право на вето согласно договорот треба да осигураат балансираност на институциите и одвраќање од потенцијална улога на институциите во фаворизации и дискриминации, и тоа е функцијата на овие лица. Тие треба да ја обезбедат демократијата, а не да бидат алатки во политичкатата функција. Тие треба да го бранат, а не да го напаѓаат правото на глас. Тие треба да не дозволат влијанија на институциите во изборниот процес, а не да прават влијание во изборниот процес. На ист начин треба да дејствува и специјалниот јавен обвинител, чија работа целосно ќе ја почитуваме и ќе ја подржуваме во сите елементи кои се предвидени со договореното. Ние немаме од што да стравуваме. Сакам да верувам дека и нашите политички конкурентни нема од што да стравуваат. Ако стравуваат од нас, нема потреба да стравуваат, бидејќи ние од нив не стравуваме. И не треба да стравуваме едни од други, треба да стравуваме само од народот. Јас  барам народот да одлучи на кого му верува, потенцира Груевски.

Тој додаде дека граѓаните добро ги знаат сите политичари.

-Ние немаме од што да стравуваме, не, ние напротив се радуваме на денот на изборите и го исчекуваме, ние инвестираме политички капитал за тој ден 24 април да биде празник на демократијата, ден во кој сум длабоко убеден дека ќе изчезнат сите политички магли. На 24ти април се ќе се разјасни. Дотогаш како ми изгледа ќе има уште магла, уште сеење магла, ќе има уште многу валкани обиди за рушење на државата и волјата на народот, но ние ќе стоиме рамо до рамо со народот и нема да го изневериме. Ги знам сите теории, ги слушам сите критики, и сите шпекулации. Ние нема да го изневериме народот, за тоа ви давам збор. Знаеме што правиме и во кој правец одиме! Битката ќе ја добиеме! Ова е битка повеќе од тоа што изгледа! Не го заборавајте тоа. Сите вие, сите ние имаме одговорност пред државата пред нејзината историја, пред нејзината иднина, пред 4те свети букви ВМРО – пред идеалите на организацијата и жртвата на нејзините активисти, потенцира премиерот.

Премиерот им порача на граѓаните: „Ова е твоја земја! Ова е наша земја! Не го заборавајте тоа! Вие одлучувате и никој друг!“