Македонија
17. October 2015 - 21:39

Груевски: Нема да бидеме пречка во работата на Јанева, очекуваме што побрзо да дејствува

Владата и ВМРО-ДПМНЕ како политичка партија нема да бидат пречка во работата на специјалната обвинителка и очекуваат што побрзо таа да почне со работа.

Ова го истакна премиерот Никола Груевски вечерва во интервју за националната телевизија Канал 5.

- Како ВМРО-ДПМНЕ  со нетрпение очекуваме што побрзо да почне со работа специјалната јавна обвинителка, затоа што знаеме дека немаме никакви незаконски дела и сакаме што е можно побрзо да се потврди и од тој аспект наш интерес е таа што е можнно побрзо да се комплетира и да започне со работа, а не само да слушаме вакви или онакви изјави, туку да почне со работа и да се произјасни по однос на сите работи што се во нејзина надлежност, рече премиерот.

Тој додаде дека и како Владата и како политичка партија нема да бидат пречка во однос на нејзиното непречено работење понатаму и дека ќе излезат во пресрет на сите нејзини барања.

Во однос на работењето на Јанева, според премиерот, загрижуваат две работи и тоа едната што Јанева ги повика обвинителите што се избрани да не дадат заклетва и втора што ја промени одлуката за почнувањето со работа.

- Загрижуваат две работи, а тоа се едната што Јанева ги повика обвинителите што се избрани да не дадат заклетва и тоа загрижува од аспект што сите знаеме дека давањето заклетва е законска обврска и кога првиот човек на една таква институција ќе ги повика своите соработници да не дадат заклетва, односно со други зборови да не го почитуваат законот, тоа загрижува бидејќи сите ние очекуваме дека тоа е личност која ќе ги почитува најмнјогу законите, за после да може на другите да им каже дали ги почитувале или не законите, рече премиерот и додаде дека тоа значи дека загриженоста и резервите доаѓаат од аспект дали можеби станува збор за личност  која недоволно ќе ги почитува законите во иднина.

Втора загриженост, смета премиерот, е фактот што Јанева во еден ден даде изјава дека ќе работи со седум обвинители, дека нема да застане и ќе продолжи со работа, додека другиот ден комплетно ја смени својата одлука и кажа дека нема да работи со седум обвинители додека не и бидат избрани сите 14. - Тоа значи дека во меѓувреме некој и дејствувал на нејзиното мислење и оттука се создава резервата или прашањето за независноста, во смисла дали независно ги носи одлуките, истакна премиерот.

Тој додаде дека сето тоа ќе се прими како една почетничка грешка бидејќи таа е се уште нова во оваа работа и нема доволно искуство за една ваква функција.

-  Ќе ги примиме сите како едни почетнички можеби грешки и ќе ја следиме нејзината работа дали овие резерви што се создадоа ќе продолжат или можеби ќе бидат инцидентни кои во иднина нема да се појават, рече премиерот Никола Груевски.