Македонија
2. August 2015 - 19:12

Груевски: Нашиот стремеж е посилна држава и среќен народ

Делата на генерациите зад нас ни го трасираа патот и ни овозможија денес да се натпреваруваме на полето на напредокот. Премиерот Груевски од илинденската прослава пред споменикот на Ченто во Скопје, со силна порака. Илинденците ни оставија аманет да се стремиме кон напредок и само кон напредок

 

„Од тој стремеж за постојан напредок ние никогаш нема  да се откажеме.  Тој е нашата движечка сила Една од причините поради која овој ден останал запаметен повеќе од еден век не е случајна. Има причина зошто нашата нација веќе 112 години се навраќа на делата на своите предци. Восхитот кој го чувствуваме за нивните остварувања и за остварувањата на нивните следбеници од народноослободителната војна постои со причина. Неисцрпната сила на овие луѓе служи како поттик и охрабрување за сите следни генерации и за нас како нивни наследници. Тоа е постојаниот стремеж за напредок!“

Премиерот потенцираше дека изградбата на споменици е само симболичен гест кој покажува колку Македонија ги почитува илинденците и нивните следбеници од НОБ. Најважните чекори, како што рече Груевски треба да бидат во правец на продолжување на нивните дела.

Стремејќи се кон највисоките цели, ...за да биде подобро, за да биде поубаво, за народот да живее побогато, да има поголем стандард, да има работа, да има фабрики, да има иновации, да има нови патишта,  да напредуваме во образованието, здравството, земјоделието, културата, спортот, туризмот...Во секоја област работиме со неисцрпна енергија, со голем ентузијазам, со голема верба во себе и со неизмерна љубов за својата земја и за својот народ. Ние мора да останеме фокусирани на реалниот живот, на реалните проекти кои носат корист за нашиот народ, и го подобруваат животот за семејствата, за граѓаните, за земјоделците, за работниците, за учениците, студентите, за бизнис заедницата..

Груевски истакна дека обидите да се оспоруваат реалните проекти кои носат подобар живот секогаш завршуваат без успех. Во таа насока, премиерот вели дека Владата останува посветена на реализација на она што им го ветила на граѓаните

„Ние цврсто ќе останеме да чекориме по трасираниот пат од илинденците и антифашистите. Идните генерации нас ќе не следат. Ние имаме уште многу што да покажеме, уште многу проекти треба да исполниме кои сме ги ветиле, а ветувањата мора да се исполнат. Затоа што и илинденците и антифашистите дадоа ветување дека ќе се борат до крај, дека ќе работат за Македонија, и тие го исполнија своето ветување. Мораме и ние и сите по нас, да ги исполнуваме нашите ветувања, стремејки кон највисоките цели.“

Во врска со последните напори на опозицијата да се укине гласањето на македонските иселеници, премиерот со силна порака. Не ја потценувајте дијаспората.

Најновите притисоци кои доаѓаат кон нас а во правец да се елиминираат пратениците на дијаспората, заради калкулантски дневно полоитички ситни интереси, ќе ја оддалечи од нас оваа структура на луѓе која непрестајно, и во доби и во тешки времиња помага на Македонија. Барањата преку разни законски акробации, да се сведе работата на ниеден или најмногу еден пратеник од дијаспората, ќе испрати лош сигнал до најверните наши надворешни подржувачи. Ако јас се прашувам бројот на пратеници од дијаспората треба најмалку да се триплира, а не да се елиминираат и сегашниве.

Премиерот предупреди на опасноста која доаѓа од можноста мигрантите кои сега транзитираат да почнат да се задржуваат во Македонија и рече дека ќе бидат потребни нови мерки и политики. Во врска со заканите од терористичките групации Груевски рече дека Македонија нема да седи со скрстени раце, туку дека активно ќе делува.
Премиерот изрази загриженост о економската криза кај јужниот сосед, која како што рече и прави проблеми и на македонската економија а истовремено ја дефокусира Грција од билатералниот спор со Македонија кој како што рече Груевски, неправедно ја држи Македонија 7 години надвор од НАТО.