Македонија
7. October 2017 - 20:04

Груевски: Нашиот народ сака вработувања, повисоки плати, квалитетно образование,..

Нашиот народ сака проблемите да му бидат решени, сака неговите градови да се развиваат. Нашиот народ сака помала невработеност, повисоки плати, поквалитетно образование, подобри болници, порача лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски од вечерашниот митинг во Пробиштип.

Според Груевски, власта е во паника зашто знае дека ВМРО-ДПМНЕ ќе победи.

- Ниту една закана нема да не натера да клекнеме на колена. Сите ние заеднички сме Македонија. СДСМ нема да донесе добро за никого. Тие можат само да затвораат работни места, да ги намалат приходите, да им го земат лебот на луѓето. Да донесат несигурна иднина за нашите деца.  Тие се реална пречка. Пречка за подобро образование. Пречка за подобри услуги во здравството. Тие се пречка за повеќе работни места, економски раст и развој на Република Македонија. Тие се само пречка, истакна Груевски.

Повтори дека политиката на ВМРО-ДПМНЕ произлегува од проекти и решенија, за разлика од онаа на СДСМ која, како што рече, базира на лаги, клевети и празни зборови. 

- Политиката на ВМРО произлегува од проекти и решенија. Решенијата и проектите ја формираат нашата политика. Ние зборуваме за тоа што ќе постигнеме, за тоа што ќе создадеме. Ние имаме проекти за Македонија, визија и решенија. Ја нудиме новата ера во која нема да има неасфалтирана и неосветлена улица, новата ера каде имаме парк во секое маало, подвлече Груевски.

Осврнувајќи се на предизборната програма, кандидатот за градоначалникот на ВМРО-ДПМНЕ Тони Тоневски вети дека Пробиштип ќе добие пречистителна станица, нови детски катчиња, пречистителна станица за отпадни води, а ќе се инвестира и во инфраструктурата, како и во културата.

тоневски

- На 15 октомври повторно ќе избереме дела, ќе избереме проекти, ќе избереме програма со нови инвестиции за уште подобар Пробиштип. Во наредните четири години ќе продолжиме со инвестиции во подобрување на инфарструктурата, ќе продолжиме со доасфалтирање и реконструкции на улици,... Сите добро ме познавате и добро знаете дека не ги заборавам помалите места. Нови улици ќе добијат жителите на Злетово, Дреново, Турско рудари, Трмош, Лезово, Трипатанци,... Ќе го реконструираме стариот цевковод и ќе автоматизираме пумпите во Ратавица, ќе изградиме водоснабдителни системи и во помалите населени места, ќе го довршиме водоводот во Турско рудари, ќе изградиме и нови за жителите на Јаниште и Дренак, рече Тоневски.