Бизнис
30. March 2016 - 16:02

Груевски најави нова, трета фабрика на ,,Амфенол‘‘ во Кочани со нови 550 работни места

Американската компанија Амфенол ќе гради трета фабрика во Кочани. Веста за инветсицијата на својот ФБ профил ја сподели Груевски. Ова е уште една одлична вест за граѓаните која значи нови вработувања и развој на македонската економија, напиша тој.

„Поволната бизнис клима, ниските даноци, владината поддршка на бизнисот, отворениот пристап на владата кон сите инвеститори, реформите кои се спроведуваат, влијаеше за градење на позитивни искуства од функционирањето на првите две фабрики на Амфенол во кои веќе работат три дивизии, или околу 750 работници. Затоа компанијата Амфенол се одлучи за нова, трета, фабрика која e гринфилд инвестиција и која ќе вработи нови 550 луѓе до крајот на оваа 2016-та година. Вкупниот број на вработени ќе достигне 1 300, заклучно со декември 2016-та, што ќе значи егзистенција, сигурна плата секој месец, можност за планирање и градење на сигурна иднина за 1 300 семејства од Кочани и околните населени места“, напиша Груевски.

Амфенол функционира во стар објект во кочани на површина од околу 6000 м2, а во индустриската зона веќе градат нова зграда од дополнителни 5 000 м2, која би требало да биде готова до лето. Новата фабрика ќе биде наменета за производство на сигнални кабли кои наоѓаат примена во автомобилската индустрија.

Амфенол е глобална корпорација која е меѓу 500 Fortune најголеми компании во светот со годишен обрт од неколку милијарди долари.

Тоа што компанијата гради нова, трета, фабрика е најдобар демант за сите критики, но и показател за успешноста на политиката на привлекување на нови странски инвестиции. Менаџментот на Амфенол веќе искусил и има позитивни впечатоци од своите две фабрики кои веќе функционираат во Македонија и се одлучил за нова трета фабрика. Овој успех не е можен без силен ангажман и исклучителна посветеност на владиниот економски тим.

Со таквата работа отворивме досега над 150 илјади работни места, овозможуваме услови и покрај големите светска економска и европска должничка криза, развој на нашата економија.

Тоа е нашиот ангажман и нашиот најсилен фокус. Ваквите дела ги решаваат проблемите на граѓаните и ние со несмален интензитет ќе продолжиме да работиме за доброто за граѓаните, за работите кои ќе значат и ќе донесат најголема корист за нив, напиша Груевски.