Македонија
12. November 2016 - 16:38

Груевски на Фејсбук ја поздрави инвестицијата на ФПЦ Технопласт - Отворањето нови работни места им носи корист на граѓаните

Почнува реализацијата на втората македонска инвестиција која ќе отвори 200 нови работни места во земјата. Ова е дел од статусот на фејсбуј профилот на претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски, кој напиша дека денеска во технолошко индустриската развојна зона во Скопје почнува со градба компанијата Технопласт” која е фирма-ќерка на  „Тетепласт” која функционира во Македонија скоро 20 години и своето производство  го наменува за странскиот пазар. Според Груевски, се одбележува  нова етапа од работата на оваа домашна компанија, почеток на сериозна инвестиција проценета на околу 10 милиони евра и сигурна  егзистенција на 200 семејства.

- Планирано е инвестицијата да се реализира во две фази, од кои, во првата фаза ќе се вработат првите 100 луѓе, а по целосното комплетирање на оваа домашна инвестиција ќе се стигне до бројката од 200 вработувања. Целокупното производство на оваа компанија ќе биде наменето за извоз, пишува на фб профилот на Груевски.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ потенцира дека договорот за инвестирање бил потпишан уште во декември минатата година кога тој ја предводел владата. Првите контакти биле остварени преку поранешниот инвестициски промотор во Хрватска и Норвешка Катерина Димовска, а заслуга за реализирање на инвестицијата според Груевски се должи и на посветеноста на Зоран Ставрески,  Владимир Пешевски и  Виктор Мизо.

 - По “Хај тек” ова е втора домашна компанија која инвестира во зоните под исти услови како и сите странски компании, што е уште еден демант на невистините произлезени од нашите политички противници кога тврдеа дека зоните се само за странски компании. Ние продолжуваме да работиме и да се бориме за секое работно место, пишува на својот ФБ профил претседателот на ВМРО-ДПМНЕ.

За Груевски, отворањето на нови работни места е тоа што на граѓаните им носи конкретна корист, ги решава нивните проблеми, и тоа е одговор на нивните барања.