Македонија
29. јуни 2017 - 20:13

Груевски: Целта е да се скрши ВМРО за да се ослаби Македонија

ВМРО-ДПМНЕ е нападната како никогаш досега во Македонија. Целта е да се скрши ВМРО за да се ослаби Македонија, но нема да успеат, рече на денешната прес-конференција лидерот на партијата Никола Груевски. 

- Како никогаш досега во историјата на Република Македонија па и на цела Европа, не се случило вакво класично политичко гонење на политичките противници. Стотина лица кои се дел од органите или подржувачи на ВМРО-ДПМНЕ се гонети со цел партијата да се уништи или да се замолкне, истакна Груевски.

Тој смета дека Специјалното јавно обвинителство е инструмент за политички прогон и затоа сите процеси се против оваа партија.

- Не постои ниту еден историски пример за вакво нешто. Тоа што го зборувавме, тоа и се случи. Станува збор за политички, а не за правен процес. СЈО одамна ја загуби непристрасноста и кредибилитетот во својата работа и стана инструмент за политички прогон. СЈО не е обвинителство, СЈО е канцеларија на СДСМ. Најголем показател дека е политички процес кој има политичка цел е тоа што носи одлуки без никакви правни докази. Процесот е политички, а не правен. Таков политички процес треба да финишира со политика, а не правна цел. Целта е ВМРО, целта е кршење на ВМРО, политичка елиминација и ставање под контрола за поголеми цели кои се потребни за оној кој го креираше целиот овој процес, истакна лидерот на ВМРО-ДПМНЕ

Порача дека нема да успеат да ги скршат. - Ние остануваме на бедемот на државата. Во овој процес како никаде на друго место нападнати и обвинети се и судии заради слободна судска одлука, како и членови на ДИК, на чии одлуки имало можности за жалби, како и за новинари затоа што критички ги опсервирале, нагласи Груевски.

Според него, нивниот грев бил тоа што 11 години биле на браникот на одбраната на државните и националните интереси на Македонија, што оддолеале на многу притисоци и закани поврзани со името на државата, името на нацијата и јазикот, со идентитетот на македонскиот народ...

Груевски праша како е можно СЈО да немале време за случајот „Талир“ кога имале најмалку 18 месеци и што правеле за тоа време. Според него тие се водени од омраза, гнев и обврските кон налогодавачите. 

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ најави дека веќе од денеска нема да попуштаат во нивното делување и порача дека сега е времето историјата да оценува и да суди зошто тие се плашеле само од судот на историјата, а од СЈО кое ќе било дел од историјата ќе се срамеле сите коишто ја сакале Македонија.

Груевски им порача на СДСМ кои, како што рече, во моментов се полни со омраза, дека брзо ќе дојде денот кога ќе сфатат дека кругот се врти и многу лесно од горниот дел на кругот може да се најдат во долниот дел. Спред него раководството на СДСМ било во постојана комуникација со неколку од обвинителите од СЈО и ги координирале заеднички сите нивни активности. 

- Значи, Заев не е криминалец, ниту уличарите на СДС не се криминалци. Тие на најгруб начин се обидуваат да наместат цела една гарнитура од околу стотина лица од нашата партија. Ова е класична политичка и антимакедонска конструкција. И иднината тоа ќе го докаже, како што ќе се докаже и историската одговорност која ја носат сите овие лица кои сега јаваат на бранот на еуфоријата мислејќи дека времето почнало и завршува со нив и дека вечно ќе им трае ова ситно задоволство.