Македонија
20. July 2017 - 14:44

Груби-Маасикас: Поддршка на Естонија за ЕУ-реформите

Претседателот на Комисијата за европски прашања на Собранието на Република Македонија Артан Груби  заедно со членовите и замениците на Комисијата, денеска имаше средба со заменик министерот за надворешни работи на Република Естонија за европски прашања  Матти Маасикас.

- Заменик министерот Маасикас информира за Програмата и приоритетите на естонското претседавање со Советот на ЕУ во втората половина на  оваа година. Во тој контекст,  истакна дека Естонија  и понатаму е силен поддржувач  на   процесот на проширување на ЕУ со нови земји  членки,  при што  ја  поддржа посветеноста на Владата  за евоинтегративните процеси . Тој истакна дека е неопходно земјата  да ги спроведе потребните ЕУ реформи, со цел да  се подобрат животните услови  и  младите да не ја гледаат својата иднина надвор од Македонија, информираат од собраниската Комисија за европски прашања.

Претседателот на Комисијата Груби, на гостинот од Естонија му посакал успешно претседателство  со Европската унија и реализирање на поставените  цели  и приоритети. Тој искажал благодарност за досегашната поддршка од страна на оваа пријателска земја, при што потсетил на писмото од 2012 година, во кое  Естонија, заедно со Литванија и Летонија,  побарале од ЕУ почеток на претпристапните преговори на Унијата со Македонија за време на данското претседавање со ЕУ, со предлог тие да се одвиваат одделно од преговорите  за решавање на  билатералниот спор што го имаме со Грција. 

Груби информирал дека во земјата постои консензус за евроатлантските интеграции во ЕУ И НАТО и дека таквиот консензус постои и во Комисијата за евроспки прашања, за што, како што рекол, е доказ и едногласно усвоената Декларација за забрзување на реформските и интегративните процеси за зачленување на Република Македонија  во Европската унија.

На средбата обраќање имале и  членовите на Комисијата Никола Попоски, Петар Атанасов и Весел  Мемеди, при што била потенцирана заложбата и определбата  и на позицијата и  на опозицијата  во земјата, за што поскоро  зачленување  во ЕУ.

Во тој контекст била истакната и потребата  надминување  на  пречките на патот кон ЕУ, со посебен акцент на отвореното прашање со Грција, за употребата на уставното име на земјата, како и подобрување на добрососедските односи со Бугарија. Исто така, заедничка била констатацијата, дека  земјата  треба да работи на спроведување на Итните реформски приоритети, пред се на подобрување на состојбиите во владеењето на правото, системските реформи, рамноправноста меѓу граѓаните во согласност со Охридскиот договор, со цел да Европската Комисија да ја отстрани условеноста на препораката за почеток на пристапните преговори.