Македонија
18. November 2017 - 11:02

Гремингер: Напорите за спроведување на реформите даваат можност за напредок

Успешното надминување на политичката криза и тековните напори за спроведување на владината реформска агенда нудат единствена можност за напредок, порачал Генералниот секретар на ОБСЕ, Томас Гремингер, за време на дводневната посета на Скопје, која заврши вчера.

Генералниот секретар, како што соопштуваат од ОБСЕ денеска, се сретнал со претседателот Ѓорге Иванов, претседателот  на Собранието на РМ Талат Џафери, Премиерот Зоран Заев и министерот за надворешни работи Никола Димитров, како и со високи претставници на парламентарните групи и претставници на граѓанското општество.

- Сите актери треба да ги здружат силите во зајакнувањето на демократските процеси и враќањето на довербата во институциите во земјата, воспоставувајќи ефективни механизми за контрола, истакнал Гремингер.

Тој потенцирал дека има потреба да се работи на долгорочните структурни реформи во областите како што се владеењето на правото, слободата на медиумите, демократското владеење, полицијата и безбедносниот сектор и оти ОБСЕ, нејзините институции, а особено Мисијата на ОБСЕ во Скопје ќе продолжат да работат во партнерство со националните институции за поддршка на договорените реформи во клучните области.

Гремингер ги охрабрил натамошните чекори за градење на кохезивно општество и продолжување на спроведувањето на Охридскиот рамковен договор. Ги поздравил напорите за зацврстување на добрососедските односи, вклучително и потпишувањето на договорот за пријателство со Бугарија.

За време на посетата, при која беше одбележана и 25-годишнината на Мисијата, Гремингер беше придружуван од шефицата  на Мисијата на ОБСЕ во Скопје, Амбасадорката Нина Суомалаинен, а имаше и средба со вработените на Мисијата.