Македонија
18. February 2016 - 13:25

Грците се вознемирија дека бегалската криза ќе го забрза патот на Македонија кон евроатлантските интеграции

Добрата соработка на Македонија со европските институции во бегалската криза ја подобрува сликата на соседната земја во Брисел и во другите европски престолнини, додека ја чека поканата за отворање на преговорите за членство. Слична клима е формирана и во рамките на НАТО, каде Македонија исто така се надева дека ќе се приклучи.

Ова денеска го пишува влијателниот грчки весник „Катимерини“ во коментар под наслов „Скопје во сенката на бегалците“ во кој се изразува отворена загриженост дека кризата со мигрантите и бегалците може да ја забрза интеграцијата на Македонија во ЕУ и НАТО.

„...Сега, во уште еден голем меѓународен проблем, Европејците најдоа соучесник во Скопје и испратија свои сили на македонската граница со Грција. Можеби Меркел, Јункер и други продолжуваат јавно да ја поддржуваат Грција во врска со затворање на границата, но состојбата почна опасно да се навалува“, пишува весникот и додава дека „не постојат многу причини за оптимизам во блиска иднина“.

Според „Катимерини“, со оглед на околностите, Македонија ќе ја има поддршката од многу членки на следниот самит на НАТО кој ќе се одржи во јули, па дури и од Полска. „На самитот во 2008 година имаше голем притисок врз Грција“, пишува весникот и додава дека сепак, тогаш Грција ги искористила предностите, силните сојузи и транснационални партнерства, што доведе до „едногласна одлука на НАТО која беше позитивна за Грција“.

„Катимерини“ нагласува дека одлуката на самитот на НАТО беше резултат на контактите и силните сојузи што ги имаше изградено дуото Караманлис – Бакојани, но додава дека сега никој не се надева дета такво нешто ќе можат да направат и Ципрас и Коѕиас.

„Она што е сигурно, е дека ќе има многу притисок врз политички и економски слабата Грција која зависи од НАТО во Егејското Море, и економски од ЕУ, да се согласи со некоја ‘средна формула’ со која ќе се предвидува почеток на пристапните преговори со привременото име“, тврди весникот и додава дека на тој начин работите ќе се оценуваат тековно, развој, кој де факто, ќе ја ограничи способноста за „одбрана“ на грчката страна.

„Во 1992-1993 година можевме да го затвориме прашањето за Скопје, но тогаш некои од олтарот на максимализмот и, како што се покажа во процесот, оштетувајќи ги националните позиции, ја жртвуваа можноста за многу подобро решение“, потсетува весникот.

„Но, тие беа тогаш. Сега сме денес.  Нашиот спор со Македонија во наредните месеци ќе се решава преку сложена призма на пошироки податоци, за жал, на наша сметка. Предуслов и основа за суптилни дипломатски маневри кои ќе бидат потребни е брзо спроведување на обврските кои ги преземавме, целосна соработка во справувањето со протокот на бегалци и посветеност, а не оддалечување од  целите и приоритетите на ЕУ и НАТО“, заклучува „Катимерини“.