Македонија
16. February 2016 - 18:14

Грција задоволна од соработката со Македонија во однос со мигрантската криза

Македонија и Грција имаат заеднички интерес во однос на справувањето со бегалската и со мигрантската криза во време на разногласие од Брисел, кога некои земји членки на ЕУ заговараат затворање на границите по пополнувањето на квотите, а други се против таквиот потег, велат грчки дипломатски извори во Скопје.

Тие укажуваат на добрата соработка со македонските власти. На билатерално ниво, од август, лани до денес, посочуваат, одржани се пет состаноци на високо ниво меѓу полициите на двете земји во Евзони и во Богородица, на кои се донесени практични решенија и е подобрена климата на соработка.

Грција, посочуваат, прави се за контрола на границата, како и за адресирање на одредени дефицитарности со оглед на специфичноста на поморската граница. Главен проблем и понатаму, сметаат, е што се уште нема единствено решение за бегалската криза на ниво на ЕУ, туку некои земји се обидуваат да диктираат еднострани решенија. 

Во тој контекст од грчка страна се поздравува и изјавата на македонскиот претседател Ѓорге Иванов дадена вчера во Прага на состанокот со земјите од Вишеградската група, како многу балансирана и реалистична, а тоа е дека е потребно европско решение, а не еднострани одлуки.

Се очекува во наредните месеци бранот бегалци и натаму да продолжи. Грција се подготвува да изгради два кампа со капацитет за времено сместување на по 10.000 бегалци, покрај создавањето на т.н. хот спотс-жешки точки за регистрација на бегалците. Се смета дека од клучно значење за намалување на нивниот прилив е исполнување на договорот постигнат меѓу ЕУ и Турција. Во однос на соработката со Турција, проблем е, велат, што таа се уште не го ратификувала договорот за реадмисија со ЕУ, туку го условува со укинување на визите за своите грааѓани во ЕУ.

Грчките власти тврдат дека во 2015 низ Грција поминале 930.000 мигранти, а од почетокот на годината до денеска околу 72.000 мигранти.

Инаку, наскоро се најавува нова рунда консултации меѓу министерствата за надворешни работи на двете земји за мерките за градење доверба. Состанокот е трет по ред и треба да се одржи во Скопје, а еден од приоритетите ќе биде соработката меѓу полициите на Македонија и на Грција по прашањето на мигрантите.