Балкан
29. September 2015 - 13:07

Грција: Шест острови ги губат даночните олеснувања

Грчката влада објави дека популарните туристички дестинации Миконос, Санторини и Родос ќе бидат меѓу првите острови што ќе ги загубат повластените даночни стапки согласно новиот план за економско заздравување на земјата, пренесува порталот ЕурАктив.

- Од 1 октомври, даночната стапка на промет ќе се изедначи со остатокот на земјата и ќе се применуваат на Родос, Санторини, Миконос, Наксос, Парос и Скијатос, објави грчкото Министерство за финансии.

Грчките острови, голем број од нив без аеродроми и слаби поморски врски со континенталниот дел, во зимскиот период досега уживаа даночни олеснувања на данокот на промет во износ од 30 проценти, пренесе Фена.

Земјата соочена со голем надворешен долг, е принудена да ги укине даночните привилегии на островите во согласност со тешките реформи, кои се дел од договорот со меѓународните кредитори за финансиска помош на Грција.

Данокот на голем спектар производи и услуги веќе е зголемен од 13 на 23 проценти низ целата земја од јули 2015 година.

Следната група острови што ќе ги загубат даничните олеснувања ќе биде објавена на 1 јуни 2016 година и 1 јануари 2017 година, се наведува во соопштението на министерството.

Туризмот е главен дел од грчката економија, а се очекува земјата годинава да оствари рекордни приходи од туризмот.