Балкан
28. January 2016 - 18:24

Грција одговори на обвинувања на ЕК за занемарување на границите

Грција ги оцени како „неконструктивни“ обвинувањата од страна на Европската комисија за „сериозно занемарување“ на обврските на своите граници, и ги повика европските партнери да ги исполнат своите обврски кон мигрантската криза.

- Тактика на префрлувањето одговорност не е ефикасен начин за решавање на проблемот од историски размери кој бара заедничко дејствување, изјави портпаролот на Владата Олга Геровасили во соопштение.

Грција „се надминува самата себе си во почитувањето на обврските, очекуваме од сите да го сторат истото“, додаде таа.

Геровасили реагираше откако Европската комисија вчера усвои предлог-извештај во кој се вели дека „Грција сериозно ги запоставила своите обврски во управувањето со надворешните граници на Шенген зоната“.

Истакнувајќи дека во извештајот се зборува за состојба која е „многу поинаква“ од денешната, Геровасили е изненадена од неговото прифаќање еден ден по состанокот на европските министри за внатрешни работи, кои заклучија дека „клучот за управување со бранот мигранти е во Турција и во почитување на договорите склучени меѓу оваа земја“ и ЕУ, со цел да се прекине приливот од нејзиниот брег.

Портпаролката ги повтори забелешките на Атина кон европските партнери, особено поради тоа што агенцијата за надзор на границите Фронтекс испрати помалку засилување отколку што се бараше. Европскиот план за релокација на бегалци е „суспендиран“, а враќањето на илегалните мигранти во нивните татковини и во Турција наидува на одбивање во тие земји, потсети таа.