Македонија
14. July 2017 - 18:24

Грција, Бугарија и Србија сметаат дека е неопходна стабилизација на внатрешно политичката ситуација во Македонија

Договорот со Бугарија е голем исчекор на македонскиот пат кон Европа, изјави министерот за надворешни работи Никола Димитров во интервју за Ројтерс.
,,Постигнавме компромис за текстот. Потпишувањето на договорот за добрососедство со Бугарија ќе го зголеми нашиот кредибилитет, дека сме сериозни и дека сакаме да создаваме пријателства во регионот‘‘, вели Димитров.
Ројтерс пишува дека двете земји се надеваат договорот да помогне да се решат децениските несогласувања за историјата, идентитетот, јазикот и ентичките малцинства, но потсетува дека најголемата пречка на македонските евроинтеграции е Грција.
 
Димитров вели дека Македонија сака подобра соработка со Грција, потврдено и при неговата посета на Атина, каде предложил подигање на ветото за членство во НАТО под привремената референца и продолжување на преговорите за изнаоѓање трајно решение за името. 
 
Иако предлогот одбиен од претходно, Ројтерс додава дека западни дипломати велат дека со промена на владата, Македонија добила нов импулс во напорите за членство во ЕУ и НАТО и решавање на спорот.
Димитров не очекува поместување на позициите на Грција преку ноќ, туку постепен процес, а евентуалното решение ќе оди на референдум.
,,За решавање на тоа прашање потребно е да имаме процес кој ќе создаде национална позиција. Дефинитивно за тоа прашање ќе има референдум‘‘, вели Димитров во интервјуто за Ројтерс.
Во меѓувреме трилатералната средба Грција, Бугарија и Србија во Солун, без присуство на Македонија внесува сомнеж во искреноста на Борисов, Ципрас и Вучиќ кон македонските евро-атлантски интеграции. 
 
Иако тројцата лидери синоќа изјавија дека очекуваат и посакуваат стабилизација на Македонија, со заклучокот -решение за името, како предуслов за поддршка од трите земји, зборува со заживување на оската од минатото.
,,Една друга точка на поклопување на мислењата беше потребата да се стабилизираат, да се нормализираат политичките случувања во една соседна земја, за чија стабилност се залагаме. Тоа се однесува на поранешната југословенска република Македонија. Секако се согласивме дека е неопходно да постои суштински дијалог за изнаоѓање на взаемно прифатливо решение за името, нешто што е предуслов за наша целосна поддршка за нејзината интеграција во ЕУ и НАТО, изјави Ципрас по средбата.
Претходно грчките медиуми пишуваа дека тројцата лидери е можно да договараат и поделба на Макеоднија на три сфери на влијание.