Свет
24. May 2016 - 16:42

Грчките власти почнаа со евакуација на бегалскиот камп во Идомени

Грчките власти почнаа операција за постепена евакуација на најголемиот неофицијален бегалски камп во земјата,  во Идомени на грчко-македонската граница.

Евакуацијата ќе трае најмалку десет дена. Oперацијата почна рано изутринава, а на новинарите не им е дозволен пристап до регионот. Околу 20 единици од полициските сили со најмалку 700 полицајци се ангажирани во операцијата. Неколку автобуси со  мигранти, веќе го напуштиле кампот .

Според плановите на грчките власти, мигрантите би требало да се преместат во нов организиран прифатен центар во близина на Солун. 

Историска средба на папата со големиот имам на Ал Азхар

Папата Франциско  имаше историска средба со големиот имам на Универзитетот Ал Азхар во Египет, шеик Ахмед ал Тајеб, по повеќедецениските тензични односи меѓу двете религиозни институции, соопшти Ватикан. Тоа е прва таква средба во Ватикан.

Папата  и шеикот  одржале 25-минутна средба во личната библиотека на понтифот, а потоа имамот и членовите на неговата делегација разговарале со кардиналот задолжен за меѓурелигиски дијалог.

Папата посочи дека  пораката од нивната средба е самата средба.

 Александер Ван дер Белен е новиот претседател на Австрија

Александер Ван дер Белен  независниот кандидат  поддржан од Партијата на зелените. е новиот претседател на Австрија.  

Ван дер Белен освоил 51,93 отсто од гласовите, а неговиот противкандидат, Норберт Хофер од екстремно десничарската Слободарска партија на Австрија (ФПО) добил 48,07 проценти. Новиот претседател ќе  ја преземе  должноста на 8 јули, за кога е закажана свечената церемонија .Ова  беа и најнеизвесните претседателски избори во историјата на земјата, бидејќи победникот е добиен дури откако се преброени и гласовите на оние Австријци кои гласале преку пошта. За прв пат од 1945 година, претседателот на Австрија нема да е од една од двете водечки партии.