Македонија
13. December 2017 - 16:26

Грчки медиуми: Забрзано се бара решение за прашањето за името

Забрзано се бара решение за прашањето за името, речиси без исклучок известуваат грчките медиуми, по вчерашната средба во Брисел на медијаторот Нимиц со преговарачите Наумовски и Василакис.

,,Катимерини‘‘ пишува дека самата најава дека разговорите ќе продолжат во континуитет во јануари, февруари и март, говори дека во 2018 година може да се очекува договор.

Весникот оценува дека Нимиц не дал нов предлог, но и дека не објаснил дали идното име ќе биде за севкупна употреба или повторно ќе предложи двојна формула.

Сајтот Ин.гр пишува дека се зголемува притисокот врз владата на Ципрас, а особено на неговиот коалициски партнер, Панос Каменос, од партијата Независни Грци, за изнесување јасен став по ова прашање.

Според сајтот, САД поставиле рок до летоска да се најде решение, а во спротивно ќе следи влез во НАТО под референцата ПЈРМ. Таквиот притисок го отвора прашањето како ќе реагира Каменос доколку биде понудено комплексно име и дали би излегле од Владата, имајќи предвид дека тој досега остро се противеше зборот Македонија да биде содржан во името на северниот сосед.

Медиумите ја пренесуваат и изјавата на директорот за Дијалог за Југоисточна Европа при Универзитетот Колумбија, Давид Филипс, инаку поранешен советник во Стејт департментот во време на претседателите Клинтон, Буш и Обама, дека односите меѓу Атина и Скопје се во својот зенит и дека 2018 година е важна поради можноста да се дојде до решение што ќе биде од корист и за двете страни, посебно за Грција бидејќи на тој начин ќе и го зајакне суверенитетот во време кога Турција бара ревизија на договорот од Лозана за границата.

Грчкото издание на Нејшнал Хералд прашува дали изјавата на Ципрас во Белград за името била намерна или вербален маневар. Посебно во делот во кој грчкиот премиер како услов го поставува откажувањето од реториката дека тие се единствени наследници на Македонците и Александар Велики. Весникот ,,Естиа‘‘ констатира дека Ципрас разбира дека Македонците се наследници на античките Македонци, но не се единствените.