Македонија
21. March 2016 - 12:36

Грчки медиуми: Попоски дециден дека нема промена на уставното име на Македонија

Онлајн изданијата на некои грчки медиуми денеска пренесуваат дел од говорот на министерот за надворешни работи Никола Попоски на вчерашниот отчет на владејачката ВМРО-ДПМНЕ, јави дописникот на МИА од Атина.

- Нема да прифатиме промена на Уставот со цел промена на уставното име на Република Македонија, ниту пак предлози или идеи кои би го загрозиле македонскиот идентитет, јазик и култура, рече вчера Попоски, што предизвика внимание во Грција.

Под наслови „Не за промена на уставното име“, „Скопје предупредува дека нема да го смени уставното име, евентуалното решение на референдум“, „МНР на Скопје: нема да прифатиме промена на името“, грчките медиуми, беа коментар, пишуваат за вчерашниот говор на Попоски, додавајќи дека шефот на македонската дипломатија нагласи оти ВМРО-ДПМНЕ „нема да дозволи какво било решение за овој спор, кој ни е наметнат, да биде прифатено од политичари или поединци, Влада или Собрание без претходно за тоа да се изјаснат македонските граѓани на референдум, а притоа мнозинството од македонските граѓани кои ќе излезат на референдум да се согласат со можното решение“.

Во Грција уште се нагласува дека изјавата на Попоски е идентична со она што стои во изборната програма на владејачката ВМРО-ДПМНЕ и „кое постојано се повторува, особено во изборен период, од страна на лидерот на партијата Никола Груевски и други партиски функционери“.
Во меѓувреме, официјална Атина останува на своите црвени линии во врска со името, кои изминатиов викенд ги повтори и грчкиот претседател Прокопис Павлопулос, овој пат „зачинети“ и со отворена закана.

- Лидерите на државата Скопје треба веднаш да сфатат дека со инсистирањето на име со кое се прави обид за фалсификување на историјата, додека се подигаат огради од бодликава жица и вршат варварски дејствија против бегалците, отворено се нарушуваат европските принципи и вредности, па затоа и натаму нема да бидат во можност да се приклучат кон Европската унија. Ова е јасно и за тоа нема преговори, изјави Павлопулос од Солун.