Македонија
22. August 2017 - 10:45

Грчки медиуми: Облаци врз односите меѓу Македонија и Србија

Речиси сите грчки медиуми јавија за повлекувањето на персоналот на српската Амбасада од Скопје, а потоа и за изјавите на српските политичари дека нивните дипломати се повлечени поради „разузнавачко и офанзивно дејствување против Србија“.

Елекстронското издание на „Катимерини“ утрово пренесува вест од светски агенции дека Белград има информација оти на следната сесија на УНЕСКО, Македонија ќе предложи Косово да стане поноправна членка на организацијата. Весникот исто така  ја цитира изјавата на Вучиќ во која изразува уверување дека „се ќе стане појасно во следните десетина дена“.

- Во исто време, на почетокот на август српскиот весник „Вечерње новости“ тврдеше дека вооружени албански групи планираат провокации на српско-македонската граница со цел да предизвикаат конфликт меѓу двете земји, потсетува весникот, додавајќи дека Србија ја призна Македонија под уставното име, додека Скопје „го разочара“ Белград кога го призна Косово како независна држава во 2008 година.

И државниот радиодифузер ЕРТ ја пренесува изјавата на Вучиќ дека во моментов има многу шпекулации и оти тие ќе се разјаснат во наредните десетина дена. Според српскиот претседател, некои од вработените во Амбасадата во Скопје ќе бидат заменети, наведува ЕРТ.

Грчката државна телевизија наведува дека некои медиуми во Скопје одлуката на Белград ја поврзуваат со информацијата дека Македонија „притиска за членство на Косово во УНЕСКО“.

- ПЈРМ е една од 114 земји, меѓу кои и 23 членки на Европската унија, кои го признаа Косово, потсетува ЕРТ.

Под наслов „'Војна' меѓу Србија и Скопје за членството на Косово во УНЕСКО“, „Елефтерос Типос“ пишува дека меѓу Србија и Македонија избувнала сериозна дипломатска криза врз основа на информации на српската Влада дека Скопје планира да гласа „за“ во новиот обид на Косово да влезе во УНЕСКО „и покрај ветувањето од страна на новиот премиер Зоран Заев дека неговата земја ќе биде неутрална“.

- Во 2015, за време на Владата на Груевски, Скопје гласаше за влез на Косово во УНЕСКО, и тогаш предизвика силна реакција од страна на Србија. Ова не е мала работа, изјави вчера српската премиерка Ана Брнабиќ, пишува весникот.

Според „Елефтерос Типос“, и Грција индиректно е вмешана во конфликтот, „со оглед на тоа што некои дипломатски кругови гледаат на ставот на Скопје како на 'одмазда' за признанието на српскиот министер за надворешни работи Ивица Дачиќ од јануари дека неговата земја згрешила во 1996 година кога го признала уставното име Република Македонија“.

Како што јави дописникот на МИА од Атина, некои грчки медиуми го пренесуваат и ставот дека во врска со гласањето за членство на Косово во УНЕСКО, македонската Влада ќе ги има предвид позициите на мнозинството земји членки на Европската Унија и оти официјално Скопје развива пријателски односи со сите соседни земји.