Македонија
9. February 2016 - 10:50

Грчки медиуми: Европските дипломати се повеќе за зајакнување на македонско-грчката граница

Додека Македонија гради втора ограда на границата со Грција, европските дипломати, како австрискиот министер за надворешни работи Себастијан Курц, отворено зборуваат во корист на утврдување „европска одбранбена линија“ против мигрантите во Македонија, пишува денеска „Катимерини“.

Една од главните вести во Грција денеска е вчерашната изјава на Курц во интервјуто за српската агенција Танјуг, за испраќање на војници на македонско-грчката граница.

Во интервјуто, Курц истакна дека на Австрија и понатаму и е потребен ефикасен, сеопфатен, а во исто време флексибилен систем за гранично управување, како и блиска соработка со соседните земји и засегнатите земји долж балканската рута.

- Србија досега во бегалската криза имаше многу позитивна улога. ЕУ не смее Србија или Македонија да ги остави сами.  Се надевам дека наскоро повторно ќе успееме да ги обезбедиме надворешните граници на ЕУ и оти Грција ќе дозволи да и помогнеме во тоа. Поради тоа го поддржувам предлогот на министерот за одбрана на Австрија  Ханс Петер Доскоцил, на надворешните граници на ЕУ, или во Македонија и Србија да се испратат припадници на армијата, истакна Курц во интервјуто за Танјуг.

„Катимерини“ коментира дека Курц е на турнеја низ Западен Балкан, во чии рамките ќе ја посети и Македонија, токму „со цел да ја промовира оваа конкретна идеја“. „Етнос“ пак, пренесува дека Курц напишал статус на Фејсбук во кој, наводно, вели дека „Австрија нема да ја чека Грција, туку ќе се обиде да најде решение со Македонија за да се запрат бегалците“.

Во исто време, официјална Атина тврди дека ја зајакнала контролата на протокот на бегалците при што се приведени повеќе стотици илегални мигранти.

„Етнос“ јавува дека само вчера, од Македонија се вратени три автобуси со бегалци кои од Идомени ќе се вратат кон Атина. „Во исто време, Австрија продолжува да враќа се повеќе и повеќе илегални мигранти во Словенија, кои сега по обратен пат се очекува повторно да пристигнат во Грција“, пишува весникот