Балкан
6. October 2017 - 8:39

Грчката православна црква бара повлекување на нацрт-законот за родов идентит

Црквата и владата во Грција се скараа заради нацрт закон за родовиот идентит, односно за можноста секој кој сака да може да си го смени полот, објавуваат денеска грчките весници.

По бурна седница, Светиот синод на православната црква ја повика Владата да го повлече нацрт-законот и да се позанимава со посериозни теми. Весникот „Катимерини“ го оквалификува тој повик како нова криза во односите меѓу црквата и владата, откако пред неколку месеци двете институции влегоа во спор околу изучувањето на предметот религија во школите.

Синодот смета дека предложениот нацрт закон ја „уништува светата институција семејство“. Грчките свештеници ги повикуваат политичарите да бидат одговорни и да ги надминат политичките пристрасности. Изданието „Прото тема“ наведува дека нацрт законот поминал на парламентарна комисија и дека членовите се произнеле во поддршка на проектот за смена на полот од 15-годишна возраст. Спорниот нацрт-закон е на пат да влезе во расправа во парламентот, но „ударите“ врз него се од сите страни, наведуваат весниците.

Предложената законска можност за менување на полот го критикуваше и Светогорската управа, која пред извесно време му забрани посета на премиереот Алексис Ципрас. Аналитичари не исклучуваат спорот да нанесе сериозен политички удар на владејачката левица „Сириза“.