Македонија
23. March 2017 - 19:10

Граѓанската иницијатива за заедничка Македонија со протестен марш во Кавадарци

Граѓанската иницијатива за заедничка Македонија и вечерва организираше протестен марш во Кавадарци.

Пред присутните говореше актерката Милица Гочевска. На почетокот од своето обраќање таа рецитираше стихови за настани поврзани со револуционерната историја на Тиквешијата. Во продолжение на својот говор таа нагласи дека се испраќа порака до сите политички партии, а најмногу до најголемата опозициска партија, да не се прифаќаат никакви платформи договорени во други држави, а неизгласани од граѓаните на Република Македонија.

- Граѓанската иницијатива за заедничка Македонија нема ниту намера, ниту пак цел да навреди некој, без разлика на етничка, верска или политичка определеност, нагласи Гочевска.

Оваа иницијатива, додаде таа, има едно и единствено барање, а тоа е како што рече зачувување на ова парче земја, зачувување на нашиот јазик, нашата нација, за што нашите претци се бореле со години.

- Сакам да испратам апел дека нема да подлегнеме на ниту една манипулација, или обид на мала врата да се протнат работи кои албанските партии ги договорија во Тирана, а нашата македонска партија СДСМ ги прифати. Сакаме да градиме мултиетничка, а не бинационална држава, рече Гочевска.

Таа нагласи дека јасно и недвосмислено се бара целосно да се отфрли платформата направена во Тирана. Информираше дека протестите ќе продолжат, се до исполнување на барањата.