Балкан
22. February 2017 - 12:34

Граѓаните повеќе да ги користат ИКТ алатките за добро владеење

Во земјите од Западен Балкан граѓаните и граѓанските организации недоволно ги користат алатките од информатичко компјутерските технологии за добро владеење развиени од страна на други организации и државата, а тоа се должи на недостатокот на свест и вештини. Тие се обесхрабрени да ги користат овие алатки поради перцепцијата дека нивниот придонес нема да направи никаква реална разлика. Јавните институции, пак, не доволно го користат потенцијалот на ИКТ за да станат поодговорни и да ги вклучат граѓаните. 

Ова се дел од резултатите од истражувањето во рамки на проектот АКТИОН СЕЕ Вишеград - Одговорност, технологија и мрежа на институционална отвореност во Југоисточна Европа на тема „Патот кон добро владеење“ презентирани денеска во Скопје. Проектот има за цел да придонесе за надминување на овие пречки, а преку здружување на граѓанските организации и институциите од регионот, како и преку истакнување на добрите практики од земјите од Вишеградската група и земјите од Западен Балкан. 

На отворањето на конференцијата полскиот амбасадор во Македонија Јацек Мултановски посочи без одговорноста на политичките сили на владините претставници не може да се очекува функционирање на демократско општество.

- Клучот и одговорот е во транспаретноста, одговорноста и одговорното однесување на сите политички субјекти. Со функционирањето на новите технологии во ерата на интернетот, фејсбукот и твитер, често сме сведоци како новите технологии се одговорни за ширење дезинформации, говор на омраза, лажни вести и како ја дискредитираат политичката одговорност, но исто така може и да ни помогне за да создаде транспаретност и политичарите да бидат одговорни, рече Мултановски. 

Германската амбасадорка Кристине Д. Алтхаузер истакна дека проблемите со кои се соочуваат земјите од Западен Балкан не запираат кај границите и оти важно да се бараат солуции што можат меѓународно да се искористат. Алтхаузер рече дека ситуацијата во земјите од регионот е кристилна во однос на користење на ИКТ алатки од страна на граѓаните за добро владеење.

- Добрата работа на владата се мери со одговорност, политичка стабилност, недостиг на насилство, владеење на правото и исто така контрола на корупцијата, рече таа. 

На конференцијата на која учествуваат претставници на невладини организации од земјите од Западен Балкан се дискутираше за добрите практики од регионот на Вишеградската група и од Балканот, како и за достапноста на податоци и истражување за доброто владеење.