Македонија
6. March 2017 - 20:37

Граѓаните на Македонија масовно на протест

Граѓанската иницијатива „За заедничка Македонија“ и вечерва во Скопје одржа протестен марш против промена на Уставот и двојазичност во државата.  

Маршот почна пред Владата на Република Македонија, а продолжи пред Собранието.

Од иницијативата ги повторија своите барања дека се за заедничка Македонија, а се против платформи направени во странски држави. Посочија дека се за македонска платформа направена во Македонија, која ќе ги брани интересите на сите граѓани. 

- Само нашето присуство, секојдневно, бројноста, распореденоста низ Македонија ќе не одржи заедно, за да го зачуваме она што се залагаме, изјави Борис Дамовски од иницијативата.

Младиот научник Велика Стојкова истакна дека во Македонија секогаш живееле многу народи, а Македонците кои се мнозинство во оваа држава секогаш имале соживот.

- Погледнете ја чаршијата, погледнете ги сите наши творби, умотворби, песни, нашата архитектура, науката која се промовира не само со македонските приказни, туку и со вредностите на сите народи и култури кои се дел од нашата земја, изјави Стојкова.

Со векови, нагласи, сме живееле заедно и можеме да живееме заедно, тоа е единствениот начин, а не некој друг од надвор да ни кажува како да живееме. 

- Знаеме, можеме и сакаме да живееме во единствената заедничка Македонија, порачаа Стојкова.

Народниот уметник Стефче Стојковски рече дека е за зачувување на унитарноста на нашата држава, македонскиот идентитет и културен ентитет.

- Да го зачуваме македонскиот јазик, јазикот во кој е запишан кодот на Македонецот. Јасно и гласно зборувам на мојот мајчин македонски јазик да чујат сите кои го негираат мојот јазик, моето постоење, култура, фолклор, црква.  Да го докажеме постоењето на македонската нација, на Македонецот и на македонското фолклорно богатство, порача Стојковски.  

Освен во Скопје вечерва протести со поддршка за граѓанската иницијатива се одржаа во уште 20 градови. Од Граѓанската иницијатива „За заедничка Македонија“ најавија протестен марш и утре во 17 часот.