Бизнис
16. January 2018 - 19:41

Граѓаните ќе можат да купат алкохол кога сакаат, најверојатно од март

Алкохол ќе се продава и по 19 часот но нема да се укинат лиценците за трговците.

Иако, уште во септември беше најавено дека до нова година комплетно ќе се тргне временското ограничување, Владата си дава нови рокови за да ги донесе законските измени.

Од Министерството за економија информираат дека сепак нема да излезат во пресрет на сите барања на бизнис заедницата. Лиценците за продажба ќе останат задолжителни и трговците ќе ги чинат исто како и досега.

Пијалоците ќе се нудат на киосците, но нема да се укине забраната за продажба на бензинските.

Во тековните измени  на законот за трговија нема да се интервенира во наведениот член (23-а). Имено, 20.000 денари е надоместок за прв пат вадење на лиценца за продажен објект која важи 2 година.

За продолжување на лиценцата  трговецот е должен да плати надоместок во износ од 5.000 денари за секој  продажен објект ако има до  три продажни објекти и 15.000 денари за секој продажен објект, ако има над три продажни објекти и 0,05% од вкупниот промет остварен во претходната година.  Секоја издадена лиценца важи за период од 2 години.

Најгласни во барањето за укинување на временското ограничување и лиценците за продажба на алкохол беа бизнисмените од СКМ. Тие реагираа дека со постоечкиот закон воопшто не се намалила консумацијата, што беше главен аргумент за воведување на рестрикцијата. Но, се намалил прометот на трговците и се зголемила трговијата на црно.

Затоа од Комората бараат од државата да биде поуажурна во прифаќање на иницијативите од бизнисот

Според податоците на Комората со воведувањето на лиценците за продажба на алкохол над 5 500 трговски објекти се откажале од продажба на алкохол со што драстично се намалил нивниот промет. Како аргимент бизнисмените го наведуваа и фактот што во многу европски држави воопшто нема вакви лиценци.