Македонија
11. August 2017 - 17:14

Графичкиот преглед на сите активни пожари во земјава - Еве каде гори во Македонија во моментов

Десетина активни пожари сеуште ги уништуваат македонските шуми. Во реонот на општините Македонски Брод и Чашка сеуште на сила е одлуката за кризна состојба. Жариштата кај селата Заград, Растеш, Волче и Брест се ставени под контрола, а сеуште е активен пожарот во селото Грешница. На пламените јазици кои ја зафатија Бистра Планина, каде што гори сува трева, смрека и нискостеблести дрва, интервенираат екипи на ШС “Лопушник”.

Од денеска нов голем активен пожар има во Струшкиот регион, над селото Богојци.

Се уште е активна огнената стихија во с.Гургурница, општина Брвеница, каде што интервенираат екипи на Македонски Шуми и на ДЗС, а на терен помагаат и лица од месното население. Во полошкиот регион, активен е и шумскиот пожар во с.Балиндол над рудникот.

Во тиквешијата, најкритично е на подрачјето на с.Галиште опш.Кавадарци, каде еден крак од пожарот се движи кон Црна Река, а другиот крак се движи кон с.Гуѓаково. Гори сува трева, смрека и ниска дабова шума.

Од ЦУК соопштија дека покрај забраната за движење низ шумите, од денеска се поставени засилени контроли во кризните подрачја. На терен заедно дејствуваат припадниците на МВР и Шумската полиција, а со хеликоптер се врши постојан воздушен мониторинг.