Македонија
5. November 2016 - 9:49

Градоначалникот на општина Кисела Вода ги посети жителите на село Драчево и Пинтија

Во рамки на редовните посети на месните и урбаните заедници, градоначалникот на општина Кисела Вода, заедно со Претседателот на Советот и тимот составен од раководителите на стручните служби од општината, претставници на јавните претпријатија при градот Скопје и неколку други институции кои имаат надлежност да ги решаваат најчестите проблеми на граѓаните од локално значење, вечерва остварија средби со жителите на село Драчево и Пинтија.

Овие работни средби имаат за цел изворно, од жителите да се слушне за нивните барања и потреби и заеднички да се продискутира околу можноста за изнаоѓање на решение. Воедно, во овој период, општина Кисела Вода го подготвува буџетот за претстојната 2017 година, па граѓаните имат можност со своите предлози и идеи да учествуваат во дефинирањето на приоритетите на оваа локална самоуправа.

Во непосредна комуникација со градоначалникот, жителите на селото Драчево беа информирани дека се изготвени неколку проектно технички документации за реконструкција на повеќе улици од овој дел на општината, беа поздравени заложбите на катастарот за надминување на проблемите кои ги имаат дел од жителите на селото Драчево со имотно-правните односи во врска со катастарските премери,  и во двете месни заедници беше нагласено дека изработката на Деталните Урбанистички Планови за овој дел од градот кои се во фаза на изработка, ќе го подигне квалитетот на живеење.

Жителите на Пинтија со особено задоволство ја примија информацијата дека во нивното населено место, во соработка со Агенцијата за млади и спорт ќе се гради повеќенаменско игралиште.

Беа известени дека проектот е веќе во фаза на добивање на одобрение за градба, додека Советот на Општина Кисела Вода донесе одлука за ослободување на инвеститорот  од плаќање на надоместок за уредување на градежно земјиште.
Новиот циклус на средби со граѓани продолжува следната седмица со посетата на месните заедници Усје, 11 Октомври бараки и МЗ Стаклара.