Балкан
20. September 2017 - 10:22

Градоначалникот на Лезбос предупредува за состојбата со бегалците на островот

 

Градоначалникот на Лезбос, Спирос Галинос испрати писмо до грчката Влада и Европската комисија, во кое бара да се преземат итни мерки за намалување на бројот на бегалците на островот.

Во писмото испратено до еврокомесарот за миграција Димитрис Аврамопулос и грчкиот министер за миграциска политика Јанис Музалас, Галинос информира дека на островот има повеќе од 6.000 бегалци и мигранти, што е далеку повеќе од капацитетот на постоечките објекти за сместување.

Градоначалникот на Лезбос оваа состојба ја припишува на постојаниот пораст на бројот на нови мигранти и недоволните напори за намалување на нивниот број во прифатните центри. Галинос тврди дека островот „се држи како заложник“ и повика на итна акција од страна на властите.

Тој ја отфрли можноста за изградба на повеќе привремени објекти на островот.

- Можноста на Лезбос да понуди гостопримство е ограничена на неговата моментална инфраструктура, пишува градоначалникот.