Бизнис
19. November 2017 - 16:25

Градежните работници реагираат на нелојалната конкуренција од странство

Се намалува обемот на работа на градежните фирми, работниците се плашат дека ќе останат без работа.

Најновите финансиски извештаи на некои од најголемите компании во секторот покажуваат лоши резултати и намалени профити.

Статистика бележи за 25 отсто помалку одобренија за градење во септември споредено со истиот месец лани, а и на странските пазари се помалку се бараат домашните градежници.

Падот и стагнацијата се поради долгата политичка криза, изборните циклуси и намалените активности на автопатите велат од Градежната комора. Сепак оттаму се оптимисти и очекуваат состојбата да се подобри.

Градежните работници потврдуваат дека има намален обем на работа и дека можни се отпуштања. Велат и дека некои фирми почнале да доцнат со платите.

Инспектори на градилиштата скоро и да нема, а фирмите ангажираат работници од странство кои работат на црно и се нелојална конкуренција за домашните.

Градежништвото во вториот квартал годинава имаше значителен пад од 17,3 отсто. Изминативе години пак ,беше двигател на економскиот раст.

Лани градежниот сектор оствари раст од  18, 5 отсто и беше главна компонента на растот на економијата.