Бизнис
10. March 2016 - 15:04

Градежната комора при ССК предлага мерки за поддршка на градежништвото

Капиталните проекти и владините мерки за стимул на градежништвото се двигател на овој сектор кој ќе биде столб на економскиот развој и во наредните четири години. Поради интензивниот ангажман во тековните проекти потребни се повеќе работници, но пазарот има дефицит на стручен кадар и неопходни се доквалификации,  со цел превенција од увоз на работна сила од странство, оцени денеска Градежната комора при Сојузот на стопански комори.

- Тековните проекти  и најавениот зголемен број на капитални инвестиции се сигурна гаранција за раст на градежниот сектор, рече  на прес-конференција Роберт Хор, претседател на Градежната комора при ССК.

Од Комората сметаат дека за натамошен развој треба да се спроведат мерки за обуки за доквалификација на работниците  во градежништвото, воведување контрола на градежните компании при тендерирање, намалување на процентот предвиден во градбата на станови за лица со посебни потреби, како и да се формира агенција за контрола на потеклото и квалитетот на материјалите и на градбите.

Според министерот за транспорт и врски Владо Мисајловски, Владата постојано спроведува мерки за стимул на градежниот сектор. Во тоа, како што рече, придонеле инвестиците во изградбата на патната инфраструктура, изградбата на железницата и останатите капитални проекти. Во тековната изградбата на трите автопатишта се ангажирани над 2.500 работници. За проектот „Купи куќа за млади“, кој треба да даде дополнителен поттик на градежништвото, над 50 општини понудиле конкретни локации за урбанизација за изградба на куќи. Првично понудените над 7.500 локации од градоначалниците, според Мисајловски, е солидна бројка, а во нивна изградба би се вклучиле домашните компании.

Нов инвестициски циклус во градежништвото, посочи Мисајловски, се очекува  и со мерката со која се овозможи надградба на куќи во максимална висина до 10 метри и 20 сантиметри и во случај ако надградбата не е предвидена со планската документација.

На барање на градежните компани, информира Мисајловски, со новиот Закон за градежно земјиште, од 1 август годинава се овозможува при постапката за отуѓување на градежното земјиште пред склучување договор, по службена должност да се бара мислење од Државното правобранителство.Најголема реформа која го раздвижила градежниот сектор, според Мисајловски, е електронското издавање одобрение за градење.

- Реформите во градежниот сектор се повеќе од потребни ако сакаме да го одржиме континуитетот во градежната експанзија. Како ресорно Министерство во соработка со градежните комори и бизнис секторот и во иднина ќе преземаме мерки и ќе спроведуваме политики со цел да ја задоволиме потребата за раст на градежниот сектор кој во изминатите години беше еден од столбовите на македонската економија, рече Мисајловски.

Тој потести дека до крај на месецов истекува рокот за поднесување нови барања за легализација на дивоградби и апелира таа можност да се искористи навреме. 

Градежништвото во Македонија учествува со 35 проценти во БДП, вработува над 40.00 работници, а поддржува развој на уште 36 гранки.