Македонија
27. July 2016 - 16:30

Градежна експанзија во Скопје - Се градат 14 капитални проекти во сите општини

Вистинска градежна експанзија во градот Скопје. Во тек се 14 капитални проекти во речиси сите делови од главниот град, за кои се инвестирани над 17 милиони евра. Интензивно се работи на третата фаза од булеварот Борис Трајковски во Кисела Вода кој се очекува да заврши следната година,  а се реконструираат и булеварот Србија и улицата Народни херои. Нов лик ќе добијат и двата главни булевари во општина Аеродром.

Градоначалникот Трајановски информираше дека целосно подготвени се идејните сообраќајни проекти за централното градско подрачје, а интензивно се работи и на неколку улици во општина Чаир.

Во тек е проширувањето и на булеварот Теодосиј Гологанов во општина Карпош и третиот дел од паркот Македонија кој ќе биде продолжен до Ѓорче Петров. Се реконструираат и неколку улици во Сарај.

Градот Скопје работи и проект за патот кон Глумово, а се асвалтира и патот кон Шишево. Капитални инфраструктурни проекти се реализираат во речиси секоја скопска општина, кои во најголем дел ќе го олеснат движењето низ главниот град и ќе го решат проблемот со сообраќајниот метеж.