Македонија
3. January 2017 - 18:11

Град Скопје и оваа година работно ќе ангажира бездомни лица

Градоначалникот  на Град Скопје Коце Трајановски денеска се сретна со бездомни лица кои се заинтересирани и мотивирани да бидат работно ангажирани од градот.

Преса службата на Трајановски објави дека на состанокот со овие лица се разговараше за нивното претходно работно искуство и за можностите за нивно вработување и активно придонесување во општеството.

Трајановски и при посетата на пунктот за бездомници пред Нова година најави дека Градот ќе продолжи со праксата за работен ангажман на овие лица во јавните претпријатија.

Инаку, на состанокот учествувал и претставник на Црвен крст на Град Скопје, координатор на активностите на Пунктот за бездомни лица во Момин Поток, кој, исто така, секоја година е поддржан со 500.000 денари од буџетот на Град Скопје.